Мицкоски има дилема дали воопшто да пишува писмо до ЕУ
Премиерот тврди дека дека од Берлин дошол поголем оптимист - отколку што бил пред да замине, иако сите изјавија оти уставните измени мора да се направат
Премиерот Христијан Мицкоски има лична дилема дали воопшто треба да го пишува писмото што веќе неколку недели го најавува на повеќе адреси поврзани со Европската унија.
Како што соопшти денес на прес-конференција, по сите разговори и средби во Берлин и по фактот дека претседателката на Европската комисија, Урсула Фон дер Лајен, на 24 октомври доаѓа во Скопје, не гледа зошто би им пренел писмено нешто што попрецизно и подетално им го пренел лично таму.
Наспроти впечатокот во јавноста дека во Берлин добил јасна порака дека ЕУ опстојува на одлуката за уставни промени без одлагање, Мицкоски тврдеше дека од Берлин дошол поголем оптимист – отколку што бил пред да замине.
„Имав исклучително квалитетна посета на Берлин која ме направи поголем оптимист отколку што бев пред тоа. Од разговорите слушнав дека има иницијативи, што ги спомена и министерката Бербок на прес-конференцијата по средбата со Муцунски. Сѐ она што го добив и што го испратив како порака има додатна вредност ако се спореди со состојбата пред да одам, но во интерес на прашањето не би споделил детали“, рече Мицкоски.
Запрашан конкретно што ново предлага по пораката од брифингот на специјалниот преставник Мануел Сарацин дека заклучоците на Европскиот совет се јасни, Мицкоски рече дека одбива да коментира брифинзи за кои тие што ги даваат имаат идеја зошто ги даваат.
Според него, оптимизмот е резултат , покрај другото, на разговорите со германскиот канцелар Олаф Шолц и на средбата со новоименуваниот француски министер за Европа кој му пренел порака од претседателот Емануел Макрон.
„Однесувањето на оваа влада и моето како премиер ќе разочара само една група луѓе, опозицијата“, ја кажа Мицкоски својата омилена фраза кога нема што да каже на јавноста, пред да повтори исто така друга омилена фраза – дека никогаш и по никоја цена нема да ги изневери очекувањата на граѓаните прифаќајќи решенија што се спротивни на националните интереси, во кои го вклучи и влегувањето во ЕУ.
Околу предлогот на поранешниот шеф на дипломатијата Бујар Османи, при усвојувањето на уставните измени да се стави клаузула според која ако Бугарија продолжи со условувања додека траат преговорите со членство, тие автоматски да се суспендираат, Мицкоски рече дека „такво нешто правото не познава и дека тоа го кажуваат уставни и правни аналфабети“.