Мицкоски „има чувство“ дека дискусијата во Уставната комисија ќе заврши денеска


 

Прво координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, во својата дискусија на Комисијата за уставни прашања рече дека по него нема да има други дискутанти од партијата, а потоа неговиот партиски лидер Христијан Мицкоски од Битола изјави дека има „чувство“ оти расправата ќе заврши денеска.

„Четириесет и четири пратеници на ВМРО–ДПМНЕ и коалицијата се јасни и прецизни во својот став. Вчера имавме координација, без ниту еден збор никој да каже, јасно беше дека зборуваме сите на глас, а тоа е дека уставни измени под бугарски дикатат нема да има“, рече Мицкоски. Тој во Битола правеше „инспекција“ заедно со градоначалникот Тони Коњановски на изградбата на паркингот пред спортската сала.

Тој ја повика Уставната комисија веднаш да ја завршела работата, утре да се закаже собраниска седница и да се види дали има две третини за уставни измени. Според Мицкоски, во Уставната комисија има се 17 пратеници, а за да се најде точката на дневен ред на пленарна седница потребно е да има мнозинство во оваа комисија. „Ние ќе се се држиме до нашата македонска агенда и ќе ги штитиме македонските национални интереси“, рече тој.

На адхок координацијата пред почетокот на Комисијата, како што соопшти претседателот на Собранието Талат Џафери, договорено е после експозето на премиерот Димитар Ковачевски да зборуваат претставникот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски, на АА Елми Азири, на Левица Димитар Апасиев, на СДСМ Мартин Костовски, на Беса Фадил Зендели, на Алтернатива Африм Гаши и на крај на ДУИ Арта Биљали-Зендели.