Мицкоски им се закани со кривични пријави на експертите што ќе работат на Уставот

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, им се закани денес на експертите што ќе бидат дел од работното тело за подготовка на уставните измени дека ќе се соочат со кривични пријави бидејќи ќе земат пари а нема да сработат ништо, т.е. бидејќи според него, промените нема да пројдат во Собранието. Тој дури беше зачуден за терминот експерти, запрашувајќи ги новинарите – „ Зар тие се експерти“?
Мицкоски имено рече дека ништо не очекува од ова работно тело освен одговорност откако ќе почне постапката за утврдување на потребата на уставни промени во Собранието и ќе се види дека нема да успее, порачувајќи дека работата на експертите, чии имиња беа објавени вчера – е целосно беспредметна.
Според оваа логика на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ за секој одбиен закон во Собранието, што по правило го прават експерти, а не политичари – некој треба да одговара кривично или да оди во затвор, па и повеќе за секој неуспешен референдум – бидејќи и за тоа се трошат народни пари.
Тој се закануваше со кривична одговорност и за инволвираните во проектот за изградба на коридорите од страна на „Бехтел и Енка“, чудејќи се зошто Владата воопшто не се оградува и не реагира по неговите сознанија дека споровите околу потпишаниот договор ќе се решаваат според англосаксонското – а не македонското право.
На изјавата на Мицкоски реагираа од СДСМ со оценка дека „етикетите, навредите и омаловажувањата за правните експерти и професорите само ја покажуваат режимската матрица на Груевски во којашто е заглавен Христијан Мицкоски“.
-Мицкоски е последен кој може да зборува и да прозива професори или пак истакнати правници. Граѓаните знаат дека Мицкоски има дипломирано кај својот татко. Не само што дипломирал, туку бил и асистент кај својот татко, а згора на се кај него дури и се вработил.Мицкоски сега ќе кажува за фалц професори? Па заради такви како него фалц професори УКИМ со години не може да се искачи погоре на Шангајската листа. Дополнително Мицкоски е претседател на криминална партија ВМРО-ДПМНЕ чиј претходник, осуден криминалец, побегна од правдата во гепек, возвратија од СДСМ.