Мицкоски и Перински во посета на Кавадарци во рамки на проектот „Каде што срцето е дома“


Премиерот Христијан Мицкоски и министерот за локална самоуправа Златко Перински денеска ќе ја посетат Општина Кавадарци во рамки на теренските посети „Каде што срцето е дома“ и ќе извршат увид во градежни активности на повеќе проекти.

Според агендата, Мицкоски и Перински на пладне ќе извршат увид во градежните активности на кружен тек вон опфат на регионален пат Росоман – Кавадарци. Изградбата на кружен тек е на површина од 2 700 метри квадратни на R1107 надвор од опфат пред влез во општина Кавадарци. Инвестицијата е преку унгарски заем, грант од Влада, со вредност од 11.300.000 денари со ДДВ.

Потоа ќе присуствуваат на пуштање во употреба на улицата „8 Септември“, која е целосно реконструирана и асфалтирана во должина од 2 500 метри квадратни. Реконструкцијата на оваа улица опфаќа промена на рабници, промена на бекатон елементи на тротоар, вадење на стар асфалт и целосно асфалтирање на истата во два слоја. Инвестиција е преку унгарски заем во висина од 9.107.498 денари со ДДВ.

Во село Сопот ќе биде отворена спортска сала, која е со корисна површина од 500 метри квадратни. Инвестиција на Општина Кавадарци е во висина од 22.000.000 денари. Во објектот, кој е во рамките на основното училиште, се наоѓаат соблекувални, тоалети и просторија за наставниците.

Ќе биде отворен и Регионалниот центар за згрижување на бездомни миленици и ветеринарно здравство во општина Кавадарци, кој е наменет за сите девет општини од Вардарскиот плански регион. Лоциран е во населбата Глишиќ на површина од 5 470 метри квадратни, каде се предвидени изјави за медиумите.

– Со овој проект преку третирање на бездомните миленици од страна на стручните служби од стационарот ќе постигнеме неколку стратешки цели на ниво на регионот, како подигнување на безбедноста во регионот и намалување на штетите предизвикани од бездомните животни, но пред се нивно згрижување и грижа. Овој центар за згрижување на бездомни миленици и ветеринарно здравство во Вардарски плански регион се однесува на хуман третман на животните со директно влијание врз здравјето и безбедноста на луѓето. Проектот е финансиран од страна на Министерството за локална самоуправа и Швајцарската Амбасада, во вкупна вредност од 21.000.000,00 денари и кофинансирање од страна на Општина Кавадарци, информира владината прес-служба.

Премиерот Мицкоски и министерот Перински ќе извршат увид во градежните активности на Моклишки водовод (месност Моклиште), проект преку Министерството за животна средина и просторно планирање. Се работи за изградба на водоводна и канализациска мрежа и реконструкција на каптажите во месноста Моклиште.

– Овие каптажи постојат од 50-тите години, но се руинирани заради негрижа, па сега се врши реконструкција на постоечките каптажи, каде водата се носи преку цевки во резервоар од 150 метри кубни. Од резервоарот се дистрибуира водата до сите жители кои што гравитираат во овој дел на градот. Самата реализација опфаќа водовод и канализација од 6,5 километри. Инвестиција во висина од 50.000.000 ден од кои 34.540.000 ден се од Министерството за животна средина и просторно планирање и 15.679.000 денари од Општина Кавадарци, се наведува во соопштението.

Министерството за локална самоуправа со теренските посети на општините „Каде што срцето е дома“ има за цел преку директни средби, размена на искуства, идеи и предлози, да се идентификуваат предизвиците со кои се соочуваат општините и заеднички да се изнајдат решенија за нивно надминување во насока на поголем напредок.