Мицкоски и Алиу среде топлотен бран држат прес за медиумите на отворено – самите ги прекршуваат препораките

Премиерот Христијан Мицкоски и министерот за здравство Азир Алиу, денес напладне, на отворено, на најжешкото, се обратија на отворањето на нов здравствен дом во Илинден, и ги прекршија препораките за топлото време што Владата ги донесе вчера.
И денеска над 40 степени, Владата донесе препораки за топлото време
На Мицкоски, кој периодов, присуствува на секое отварање на објекти и институции во Скопје и низ Македонија, каде пристигнува и си заминува со климатизиран автомобил, очигледно, не му пречи, да ги кани медиумите на прес-конференции, во најтоплите делови од денот.
Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) денеска апелираше до сопствениците, менаџерите и уредниците на медиумите да ги почитуваат мерките на Владата и да не ги испраќаат своите екипи на терен ако за тоа не се создадени услови со кои ќе ги заштитат колегите од топлотниот бран.
ССНМ во исто време ги повикува и политичките и општествените чинители да избегнуваат настани и обраќања на отворено, но и случувања кои бараат подолг престој на простор на кој температурите се високи. Предлагаме настаните предвидени од претходно да се ревидираат, да се намалат или да се преместат на локации на кои има услови за работа на медиумските екипи.
Исто така, новинарските екипи кои известуваат за пожарите кои изминативе недели горат низ државата треба да бидат соодвено заштитени, односно да им бидат обезбедени барем маски и заштитни очила, а медиумите да се трудат да испраќаат замена за репортерите на пократки временски периоди, особено кога станува збор за опасни ситуации во кои од пожарите се шират отровни гасови.