Мицкоски го виде Брисел, и Брисел го виде него

Подготвуваше ли Мицкоски во Брисел алиби за гласачите кога ќе го прашаат - каде е подобрата преговарачка рамка со Бугарија?


Мицкоски го виде Брисел, а и Брисел го виде него – е кратко кажано заклучокот од првата посета на премиерот на ЕУ од која се очекуваше многу, во смисла да открие како ќе ги продолжи преговорите за членство во Унијата и како ќе го оствари ветувањето – дека ќе издејствува подобар договор со Бугарија. 

Она што се „брои“ и што сакаат да го чујат граѓаните на Македонија е што постигнал, поточно што им кажал и, што е поважно, со каков одговор го дочекале во институциите на ЕУ. Место тоа, Мицкоски не спомна ни „п“ од преговори, ни „п“ од новиот „француски предлог плус“, ни „п“ од Планот за раст кој е увертира за реформи и за членство.

Затоа имаше друго„п“, многу политичка патетика, многу поплаки за понижување и за немање правда, изумувајќи една работа – можеби тој е првпат во Брисел и мисли дека прави историја со изјавите, кажува историско „не“ за ултиматумите, не ги прифаќа условите што се дел од билатералните односи и слично, но ние во Македонија сме се изнаслушале вакви силни зборови одамна и сега ни треба само најава за решение.  

Иако сѐ уште нема суштинска информација што навистина рекол Мицкоски зад затворената врата на состанокот во Европската комисија и кај Шарл Мишел и Оливер Вархеи, фактот дека непосредно пред да замине во Брисел ВМРО-ДПМНЕ оркестрираше политички скандал во однос на Бугарија, дека ја воскресна меѓусебната кавга и на најгруб начин ѝ порача на Софија дека ќе го запре градењето на Коридорот 8, може да се продолкува на два начина: или Мицкоски подготвува алиби за пред гласачите ако го прашаат каде е подобрата преговарачка рамка со Бугарија (во смисла ќе се скара, па преговори за неа нема ни да има), или се подготвува конечно да го оствари она што не му успеја на ВМРО-ДПМНЕ претходно – да ја запре сосема евроинтеграцијата на Македонија.

Фактот дека патиштата на оваа влада водат многу почесто кон Будимпешта отколку кон Брисел сѐ повеќе се забележува и дома и во ЕУ.  Тоа зборува дека Мицкоски наголемо е влезен во проектот „алтернатива за евроинтеграцијата“, или пак верува дека имитирајќи го стилот на политичко однесување на Александар Вучиќ ќе  ја сврти „плочата“ – ЕУ да е таа што ќе се мачи да нѐ внесе внатре откако ќе станеме „непослушна“ држава, а не Македонија да моли за почеток на преговори. 

Кратко кажано, според она што го кажа во изјавата по состаноците, нашиот премиер зборувал како мал Орбан во Брисел, префрлајќи ја вината за сѐ околу Македонија на ЕУ и порачувајќи им дека, ако имаат желба да нѐ внесат во членство има и начин, а државата веќе нема да прифаќа ултиматуми и билатерализација на процесот. Дека нема разбирање за пораката како ние сме надвор а Бугарија е внатре, дека сака процесот да биде базиран на постигнувања а не на понижувања и слично – што со акламација ќе го потврдат сите во Брисел, но пораката повторно ќе биде – имате проблем, најдете решение, остварете го и почнете да преговарате. Односно, дека ако има волја и Мицкоски ќе најде  начин, а оркестрирањето скандали со Бугарија тешко дека води во тој правец. 

Она што беше најсимптоматично во настапот на Мицкоски во Брисел сепак беше фактот дека ништо од тоа за што беше поканет не беше вредно да ѝ го каже на јавноста во Македонија. Не беа вредни ни парите за реформите што ги најавува Брисел со Планот за раст, ниту придобивките од тој процес, па моравме да го читаме Вучиќ за да знаеме зошто биле во Брисел. Не беа вредни ни пораките што ги примил, уште помалку пораките што ги прими албанскиот премиер Еди Рама,на кој Вархеи му навести отворање на првото поглавје од преговорите, а Александар Николоски побрза да порача дека – Албанија никогаш нема да влезе во ЕУ, бидејќи тој сѐ знае однапред. 

Сепак, ова беше прва посета на премиерот на Брисел и на новата влада треба да ѝ се даде разумна шанса, ако може, да издејствува подобро решение за Македонија околу преговорите. Тоа би го поздравиле сите, но мора однапред да каже до кога ќе трае тој напор и како мисли да стигне до него, дали со кавги и навреди кон соседите? Реално, никој не ги спори аргументите на Мицкоски околу билатерализацијата и неправдите, па ни Брисел. Но, на убедувањата од ВМРО-ДПМНЕ дека, ако сака, ЕУ може да натера политичар на Бугарија да излезе и да пие кафе додека се менува условот за Македонија, лесно може да им се возврати  дека и нивниот добар пријател Орбан може да стави вето кога ќе се решава нешто важно за бугарската држава, односно да им вети дека ќе пие кафе – ако престанат да ја блокираат Македонија.

Митот за кафето не го менува впечатокот дека премиерот едно зборува (дека е подготвен да предлага решенија и да преговара), друго прави (се кара и се жали), а има трета намера – да ја оддалечи Македонија уште повеќе од Европската унија и да се прикачи на оската Белград-Виена-Будимпешта, бидејќи тие за чии интереси се бори во државата немаат интерес да влеземе во Унијата. Не е исклучено во тоа сценарио да има поддршка од некои сили во Бугарија кои на сличен начин ја држат заробена нивната држава, на кои Брисел им рече доста, но ВМРО-ДПМНЕ ги враќа во игра.