Мицкоски го уверувал Ескобар дека ЕУ и евроатлантските вредности му се приоритет, ама по избори

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, заедно со потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски денеска оствари средба со заменик-помошникот државен секретар на САД и специјален претставник за Западен Балкан, Габриел Ескобар. По средбата од партијата излегоа со штуро соопштение во кое стои дека од нивна страна бил потврден ставот на коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ во врска со уставните измени. Исто така од двете страни била потенцирана потребата за јакнење и продлабочување на стратешкото пријателство меѓу двете држави.
-Мицкоски потенцираше дека актуелната власт во Македонија за многу внатрешни политички прашања погрешно ја информира меѓународната заедница вклучително и САД.Уште еднаш беше афирмиран ставот на партијата дека суштинската заложба и приоритет на ВМРО-ДПМНЕ се ЕУ и евроатланските вредности.Воедно, претседателот Мицкоски укажа дека единствено решение за излез од една ваква исклучително тешка ситуација, се одржување на предвремени парламентарни избори на кои граѓаните ќе изберат влада со легитимитет, стои во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.
Средбата се одржа во американската амбасада и од неа ВМРО-ДПМНЕ не објави фотографија, а соопштението го објави само на својата веб страница, веројатно за да го засили впечатокот за наводната тортура што се врши врз нив.