Мицкоски го прашаа за арбитражата и изгубените 450 милиони долари. Еве што одговори
Од Владата велат дека е класифициран податок, а Мицкоски денес рече дека ако се повлекле од проектот со „Бехтел и Енка“ ќе требало да се платат 350-400 милиони евра
Дали Македонија ќе треба да плати 450 милиони долари за загубена меѓународна арбитража, или пак, станува збор за превенирана состојба, односно Владата успеала да избегне исплата на толку голем износ, и денеска по седницата за пратенички прашања, не е докрај јасно.
Денешниот одговор на премиерот Христијан Мицкоски беше насочен кон реализација на изградбата на коридорите 8 и 10д и за зголемена вредност на делницата од Гостивар до Букојчани, и се разликува од неговата изјава од прес-конференцијата на 19 овој месец, кога тој рече дека арбитражата била завршена и дека граѓаните ќе треба да платат 450 милиони долари изгубена добивка.
Истовремено, „Независен“ доби одговор од Владата на прашањето за подетални информации и појаснување за која арбитражна постапка станува збор, дали Владата има право на жалба и како би се исплаќале средствата. Одгорот беше дека тоа е класифициран податок.
„Станува збор за состојба која е класифициран податок и е деловна тајна и во овој момент не би можеле да изнесеме поголеми информации. Но, она што како Влада можеме да го потврдиме е дека правиме сѐ да го заштитиме имотот на државата“, одговорија од Владата на прашањето на „Независен“ за арбитражата.
Пратеничко прашање за арбитражата денеска постави Бојан Стојановски, пратеник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, кој го праша премиерот зошто го критикував проектот за коридорите 9 и 10д.
„Зошто ако бевте толку храбри не го раскиневте договорот?“, праша Стојановски, додавајќи дека тоа прашање всушност доаѓа од оние кои што го виделе договорот, „а не од нас коишто не сме го виделе договорот“, потсетувајќи дека премиерот кажал дека се исплатени авансно 347 милиони долари, а доколку не се влегло во операционализација и изградба, државата ќе требаше да плати заради арбитражата којашто сигурно ќе била поднесена во некој арбитражен орган.
„Вие пред некое време изјавивте дека државата на некој меѓународен суд загубила арбитража од 450 милиони долари. Мене ме интересира за што станува збор и кога се има тоа случено“, прецизен беше Стојановски.
На ова, премиерот Мицкоски рече дека затекнатото со изградбата на коридорите 8 и 10д било ништо повеќе од потпис ставен на договор, исплатени авансни средства од 17 милијарди денари, а теренски работи нула.
„И внимавајте, на првата владина седница прв шок. Техничката влада на првата седница со техничкиот премиер Талат Џафери самата одлучила, значи го суспендирала парламентот и одлучила договорот за изградба на автопатот од Гостивар до селото Букојчани да го зголеми за отприлика 300-400 милиони евра, затоа што констатирале дека трасата Гостивар–Букојчани којашто самите ја поставиле поминува во периметарот на пештерата Убавица и дека ќе треба да се поместува. Тоа само по себе значи отприлика околу 400 милиони евра плус, значи на оние 1,3 милијарди плус уште 400 милиони евра. Техничката влада, потпишано Талат Џафери“, истакна премиерот Мицкоски.
Тој додаде дека ова е факт, односно дека сумата на договорот не е 1,3 милијарди евра, туку 1,7 милијарди евра.
„Тука не влегуваат трошоците за експропријација, што ги плаќа Јавното претпријатие за државни патишта, тука не влегуваат трошоците за дислокација на инфраструктурата – далноводи, цевководи и слично, тука не влегуваат трошоците за расчистување на трасите – сечење дрва и така натаму. Кога сето ова ќе го ставите во пакет, можеби најскромната сума ќе биде над две милијарди евра. Сето ова, според договорот, е на товар на државата и ако го читате тој договор ќе видите дека на крај, ако се откажете, ќе мора да го водите процесот некаде во Велика Британија, бидејќи апликативни се законите на Обединетото Кралство и Велс, кои што се сосема различен тип на закони, не е тоа дел од континенталното право. Ако се повлекуваме од проектот, нема да го градиме, завршуваме таму на арбитража и загарантиран пораз од дополнителни 350-400 милиони евра најмалку“, истакна Мицкоски. Тој додаде дека седнале и анализарале, дека 250 милиони се исплатени, спорот е 350 милиони, како и дека „сѐ на сѐ 600-700 милиони ќе треба да ги плати државата“.
Мицкоски рече и дека Владата претходно имала информација за сличен случај за кој на владина седница еднострано бил раскинат договор во Југоисточна Македонија и процесот на арбитража го добила странката.
„Благодарение на оваа Влада штетата која што треба да се плати е 10-15 пати намалена. Тука има присутни пратеници коишто знаат за каков арбитражен процес зборувам, затоа што е поништен по закон кој што е под ‘лекс специјалис’, односно закон за концесии и јавно-приватно партнерство. Свесно е направено тоа, кое што сега граѓаните ќе треба со милиони да го плаќаат, преку овој буџет што ние го креираме“, додаде Мицкоски, посочувајќи дека тогаш „се покажани политички мускули“.
Инаку, на 19 овој месец, на прес конференција, Мицкоски, одговорајаќи на новинарско прашање за проектот „Бехтел и Енка“, рече дека Македонија ќе треба да плати 450 милиони долари како резултат на арбитража поради изгубена добивка, не прецизирајќи за кој спор станува збор.
„Еве ќе ви дадам еден пример, да речеме завршува една арбитража и поради едно такво неодговорно однесување на претходната влада сега вие граѓаните ќе треба да платите 450 милиони долари изгубена добивка. Завршена е таа арбитража“, изјави Мицкоски, одговарајќи на прашања на новинари на прес конференција по средбата со здравствените синдикати.
„Независен“ контактираше и со Фатмир Битиќи, пратеник од СДСМ во Собранието, кој во минатата влада беше потпретседател и одговорен за економските ресори, а беше и на чело на Комисијата за арбитражни постапки. Тој вели дека до него не стигнала информација дека Македонија изгубила арбитражна постапка, како и дека доколку тоа се случело, тој би требало да биде запознаен.
Денеска, пак, на седницата на пратенички прашања, Мицкоски рече дека одлучиле со сите ризици и потенцијални „политички куршуми“ кои што очекува да ги прими да се продолжи „робусно во процесот, да ги засукаме ракавите и да испорачаме“.
„И тоа го правиме“, рече Мицкоски, истовремено повикувајќи го јавниот обвинуител да види кои се подизведувачи на трасата Гостивар-Букојчани.
„Ако не знае, јас ќе му кажам, бидејќи знам кој е подизведувач, исто така чија куќа е во негова сопственост. А, кој е пак негов подизведувач. Бидејќи и тој има подизведувач и тој подизведувач сега бара подизведувачи. Вака отприлика функционирала трасата. Затоа работата не одела, авансот завршил кај што требало да заврши, се договориле работи, а на терен немало ништо“, рече Мицкоски.
На истата тема:
Нови арбитражни постапки против Македонија, за „Шпанските скали“, за „Дрисла“…