Мицкоски го фали Курц дека бил морално одговорен политичар


Себастијан Курц и Христијан Мицкоски на нивната средба во 2018 година

Австриските медиуми пишуваат дека Курц е „човек без морал“, но според  лидерот на ВМРО-ДПМНЕ тој покажал „висока морална одговорност“

 

Христијан Мицкоски се обиде вечерва од Босилово да направи паралела меѓу оставката на австрискиот канцелар Себастијан Курц и премиерот Зоран Заев.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ рече дека Курц покажал „висока морална одговорност“ затоа што постоеле сомневања дека „владини институции плаќале анкети со кои се фаворизирала власта“. Мицкоски рече дека „Курц покажа висок степен на морална одговорност и верба во принципи. Кај нас 14 луѓе живи гореа во модуларната болница во Тетово и немаме ниту еден виновен“.

Но во паралелите има манипулација, како што манипулирал Курц. Анкетите кои ги нарачуваше Курц во 2017 година, кога беше министер за надворешни работи, не се однесуваа на владата, туку на неговата огромна желба да го симне од лидерското место во Народната партија Рајнхолд Митерлехнер, кој во тоа време беше вицеканцелар. Со помош на неговата клика во Министерството за финансии, Курц успеал со државни пари да нарача и да подметне лажни анкети и тоа во колумни во издавачката компанија „Австрија“, во кои се тврдеше дека партиската база има поголема доверба во него отколку во Митерлехнер. За неколку месеци тој го собори од лидерското место Митерлехнер, а подоцна стана и канцелар.

Австриските весници сега го опишуваат Курц како „човек без морал“ и дека кога била во прашање неговата кариера тој немал никакви скрупули; наспроти фалбите на Мицкоски дека Курц бил „морално одговорна личност“.

Најголемиот удар на Курц дојде во средата кога беше на самитот ЕУ-Западен Балкан во Брдо и кога обвинителите направија рација во неговата канцеларија, во министерството за финансии и Народната партија. Тогаш позицијата на Курц стана неодржлива, а помалиот партнер во владата, Зелените, најавија дека ќе ја напуштат коалицијата доколку Курц остане канцелар.

Себастијан Курц немаше ниту еден друг излез освен да си замине од канцеларското место за да може да ја зачува неговата партија во власта.

Народната партија на Себастијан Курц, инаку е сестринска партија на ВМРО-ДПМНЕ во рамките на ЕПП, а вмровското лидерство постојано се фалеше за врските со Курц. Тој кога беше министер за надворешни работи доаѓаше и на митинзите на ВМРО-ДПМНЕ за изборите во 2016 година. (Н.В.)