Мицкоски ги повторил истите позиции за ЕУ на средбата со Кошта


 

Во исто време кога еврокомесарката за проширување, Марта Кос, ја стави Македонија во групата земји што стагнираат на Патот кон ЕУ (заедно со Босна и Херцеговина и Србија) премиерот Христијан Мицкоски на средба со претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, ги повторил истите позиции на владата за формалното отворање на преговорите и менувањето на Уставот. Во изјава по средбата тој рече:

„На состанокот апсолутно ги повторивме нашите единствени позиции кои што навистина се позиции достоинствени после сите оние понижувања кои што ни се случија во минатото, изминатите 25 години откако практично почна овој наш пат кон приближување кон Европската унија. 

Имавме пријателски и би рекол прилично продуктивен состанок, сето она кое што претставува наш приоритет е и приоритет на господинот Кошта. Покрај приближувањето кон ЕУ и отпочнувањето на преговорите, имаше уште неколку проекти кои што се за нас стратешки важни, тоа е гасниот интерконектор со Србија и крак на гасниот цевковод кон Косово. Понатаму, тарифите за челикот и челичните производи на македонските производители, како и заедничкиот проект што нашата македонска Влада ќе го има со Европската комисија, а се однесува на проектите кои што треба да ги реализираме во Кочани и во кочанскиот регион“.

Тој дополни: „Се надевам и сигурен сум на позитивни вести“, најавувајќи го учеството на дебатата организирана од Еуроњуз и вечерата со Марта Кос.