Мицкоски ги чека оставките, во Судскиот совет го игнорираат


Христијан Мицкоски (Фото: Б. Грданоски)
И покрај големиот политички театар, членовите на Судскиот совет ги игнорираат интерпелациите што им ги изгласаа вчера во Собранието. Премиерот Христијан Мицкоски сепак се надева дека ќе покажат „морална одговорност“ и сами ќе се повлечат бидејќи интерпелациите се незаконски и немаат правна тежина.
 
„Па јас очекувам најмалку морална одговорност и да ги напуштат позициите коишто ги имаат заробено, бидејќи јасно кажаа парламентарците, тие коишто ги избраа, дека го изгубија целиот кредибилитет. Дека тие повеќе немаат никаков кредибилитет да бидат на тие места каде што се. Впрочем тоа тие го докажуваат со изборот на партискиот врховен судија, којшто доаѓа од Демократската унија за интеграција, кој е вршител на должноста, знаете како гласа, не треба јас тука да објаснувам. Со еден збор, последниот штит кој е во одбрана на поранешната владина коалиција СДСМ-ДУИ, се неколкумина обвинители и судии“, порача денес Мицкоски.
 
Премиерот напомена дека за него се алармантни информациите што ги добива поврзани со „однесувањето на прв човек на едно обвинителство“ кога слушнал за акцијата што ја спроведуваа пред два дена Министерството за внатрешни работи и Бирото за јавна безбедност.
 
„На нив не им е местото таму. Ако сакаат да бидат дворско-партиски забавувачи, тогаш нивното место не е во обвинителството, туку е во оние големи хациенди што се изградени во Западна Македонија. Но, доколку сакаат, навистина да имплементираат правдина, тогаш треба да го сменат своето однесување. Но, тоа што го слушнав, како се однесувал тој човек, мислам дека многу скоро од денес ќе се кае. Но, тогаш, се плашам, дека ќе му биде доцна“, рече Мицкоски.
 
Прозваните пак од Судскиот совет денес му порачаа дека одговорноста е индивидуална а оставката личен чин, дека чекаат писмени образложенија што направиле незаконско, па и дека е надвор од памет да им се бара оставка, бидејќи се коси со законот.