Мицкоски: Германија останува наш сојузник и силен подддржувач


Премиерот Христијан Мицкоски имаше кратка средба со германскиот канлерар Олаф Шолц за време на самитот во рамките на Берлинскиот процес што се одржа денес. Според него, пораката од Берлин е дека Германија останува наш силен поддржувач, наш сојузник и партнер во евроинтеграциите.

„Многу јасно ги презентирав приоритетите на Владата, во делот на економијата, но и на енергетскита, патната и железничката инфраструктура. Во делот на евроинтегративните процеси го презентирав ставот на Владата, заслужуваме да ги почнеме процесите безусловно и да ги покажеме нашите капацитети. Нашата политика е дипломатија во којашто ќе ги браниме интересите на нашите граѓани и држава, а истовремено ќе работиме со нашите партнери, изјави Мицкоски по средбата.

Попладнето Мицкоски имаше обраќање во  германскиот Совет за надворешни работи (ДГАП).

„Говорев за нашите цели и нашата борба да ја стабилизираме државата. Наследивме власт која ја одзема државата од рацете на народот. Овие 100 дена откако е новата Влада, работевме 100% посветено за да обезбедиме пристојност и нови можности. Меѓудругото се обидуваме и да го откочиме закочениот европски процес за интеграции преку полагање на нашите надежи во решение кое ќе биде фер основа за градење на доверба.ЕУ не смее да остане затворен клуб, туку интеграциска заедница на просперитет и можности“, порача Мицкоски во обраќањето. 

Мицкоски имаше средба и со пратениците во Бундестагот од сестринската ЦДУ, но деталји за разговорите не се објавени.

Во изјава за МТВ вечерва од Берлин тој порача дека побарал решение за откочување на евроинтеграциите со, како што рече, јасен крај, а тоа да биде членство на Македонија во ЕУ. Мицкоски рече дека Македонија како народ и држава има дадено премногу отстапки изминатите децении и дека заслужува шанса да ги започне преговорите и да ги отвора поглавјата.

„ Останувам подготвен да разговарам со било кого за да изнајдеме решение кое што ќе значи на долг рок вистинско решение со јасен крај – а крајот треба да биде членство на Македонија во Европската унија“, истакна премиерот.

По самитот во Берлин се одржа прес конференција на која зборуваа канцеларот Шолц и претседателката на ЕК Урсула Фон дер Лајен. Шолц порача дека Берлинскиот процес е најдобар инструмент не само соработката во Западниот Балкан, туку и за забрзување на европската интеграција на сите земји од регионот. Според него Европската унија единствено ќе биде целосна кога Западен Балкан ќе стане дел од неа.

„Испишавме десет години на успех и се надевам дека нема да бидат потребни уште 10 години за сите шесте земјите од Западниот Балкан да станат членки на ЕУ“, порача Шолц.

Шолц  зборуваше за добрососедските односи, со фокус на Србија и на Косово, но не ги одмина ни другите земји од регионот, за кои рече дека и кај нив има националистичка реторика и реторика на поделби, а на кои треба да им биде јасно дека единственио заедно ќе можат да стигнат до ЕУ.

„Сите овие земји, сите земји кои сакаат да бидат членки на ЕУ, кои сакаат да бидат заедно треба да обезбедат да не го забавуваат процесот поради билатерални прашања. Билатералните прашања треба да останат билатерални и пристапниот процес се води врз основ на заслуги“, изјави Шолц.

Лајен, пак, рече дека 10- годишнината на Берлинскиот процес е можност да се погледне наназад на деценија на прогрес на партнерите од регионот, но и на тоа што претставувал Процесот – застапник, архитект и силна врска меѓу регионот и Европската унија.

„Се разбира многу работи се сменија за 10 години, време на војни конфликти и превирања доведоа до нова свест во ЕУ. Свесност дека поголема Унија е исто така и посилна Унија и тоа е наша обврска да ги доведен земјите-апсиранти поблиску до нас“, рече Фон дер Лајен.

Според неа, ако пред десет години тоа не било случај, денеска проширувањето е на врвот на европската агенда.

„Кога гледаме кон блиската иднина ние гледаме кон иднина во која сите шест партнери од Западниот балкан се дел од нашата Европска Унија. За да стигнеме дотаму, сметам дека треба да ги следиме лекциите од проширувањето во 2004 година“, рече Фон дер Лајен.

Првиот предуслов за тоа, како што рече Фон дер Лајен е да се почитуваат европските вредности  – почитувањето на демократија и владеењето на правото, а вториот предуслов е рана економска интеграција, за што Берлинскиот процес игра клучна улога.