Мицкоски: Европската перспектива е загрозена од власта


Според лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, европската перспектива е се позагрозена од, како што вели,  клиентелизмот на Зоран Заев и власта, неспособноста и егоистичните мотиви да се владее за свој личен бенефит.

-ВМРО-ДПМНЕ ќе се однесува одговорно и ќе се бори земјава да добие датум за преговори, и покрај сите скандали, неработа, промашувања и измами на власта, затоа што граѓаните не заслужуваат да бидат жртва на неспособната влада која започнува да шири евроскептицизам, вели Мицкоски во денешното видео-обраќање.

Опозицискиот лидер го обвинува премиерот дека почнал да применува уцени и условувања.

-Микро светот на Заев станува негов однос кон светот нанадвор. Па така сега  го гледаме она што го правеше кон опозицијата, уцени, закани и заплашувања во една ублажена форма, го применува и практикува кон нашите партнери земјите членки на Европската Унија. И затоа никако поинаку не може да се разбере неговото условување дека ако не му се прогледа низ прсти и не и бил доделен датум за преговори ќе имало избори на кои можело да дојде радикалната десница, вели Мицкоски.