Мицкоски е само ученик на Груевски, а не на ЕУ, вели Филипче
Три години предлогот за уставни измени е на маса. Што ќе правиме? Дали митинзи како оној на Гзиместан, праша Филипче во интервју на Канал 5

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, во синоќешната емисија „Само интервју“ на Канал 5 ја оцени политиката на сегашната влада како продолжение на владеењето на Никола Груевски. Тој рече дека се воспоставува систем на ВМРО-ДПМНЕ каков што постоеше до 2016 година.
„Граѓаните не гледаат дека се воспоставува каков било систем во владеењето. Тие само гледаат продолжение на тоа што како систем го воспостави Никола Груевски во неговото владеење до 2016 година, а сега ова ВМРО-ДПМНЕ практично тоа го продолжува,“ рече Филипче.
Според него, Граѓаните чувствуваат дека во изминатава година живеат полошо отколку претходно. „Намалена е куповната моќ, инфлацијата е зголемена, нема раст на платите, пензискиот систем е доведен во ризик и тоа според официјални лица во Владата“, рече Филипче.
Тој потсети дека СДСМ уште пред една година предупредувал дека линеарното зголемување на пензиите ќе го стави фондот во дефицит и ќе ја загрози иднината на пензионерите. „Предупредувавме дека не треба да има линеарно зголемување, ако продолжиме со нашиот систем практично истите пари ќе ги земеа пензионерите, меѓутоа дефицитот во пензискиот фонд ќе се намалеше“, истакна Филипче.
Претседателот на СДСМ посочи дека сегашната влада не носи никакви реформи, туку само манипулативни кампањи и поделби меѓу граѓаните. „Нема реформи има само кампањи за да ја сменат перцепцијата на граѓаните, да прикажат едно светло коешто практично не постои, да го разубават животот за граѓаните, а тоа граѓаните го гледаат,“ истакна Филипче.
Тој тврди дека има растечкото незадоволство кај граѓаните и дека се забележува пад на популарноста на ВМРО-ДПМНЕ.
Според него, владата сериозно греши ако мисли дека незадоволството на граѓаните не се чувствува. „Сметам дека многу греши владата и дека живее во некој балон, ако не ги гледа тие тенденции, тоа незадоволство од граѓаните“, нагласи Филипче.
Ветувањето на премиерот Христијан Мицкоски дека Македонија ќе покаже пред Европската Унија дека ќе биде најдобриот ученик и дека ќе работи на реформите во земјата, немаат допирна точка со реалноста, додаде Филипче.
Според Филипче, легитимно е Владата да има желба да биде најдобриот ученик, но како што потенцира, за сега на секое поле и по сите предмети има само единици.
„Ајде да видиме по кои предмети. Луѓето сакаат систем. Има ли систем во платите? Ајде да го тргнеме прашањето со Бугарија малку, затоа што луѓето живеат секојдневие. Има ли раст на платите?“, праша Филипче.
Тој потенцираше дека нема раст ниту на минималната, ниту на просечната плата и доколку постоело волја кај Владата, ќе направеле законски измени со кои ќе се овозможи раст на платите како во времето додека на власт беше СДСМ кога постоеше систем за раст на минималната плата.
„Може да станува збор за кинески пари со огромното задолжување со унгарскиот кредит, којшто е нотиран и во Извештајот на Европскиот парламент“, рече Филипче.
Тој ја критикуваше владата што никој не излезе да објасни како се склучил таков заем, кој ќе го враќаат следните неколку генерации, и тоа „во четири очи“. „Каква нетранспарентност. И како може владата да си дозволи таква работа?“ праша Филипче.
Претседателот на СДСМ порача дека токму ова однесување ја држи државата подалеку од Европската унија. „Сметам дека тоа што немаме чекор напред кон Европската унија е само заради една работа, а тоа е дека не сакаат систем на контрола. Не сакаат правна држава и не сакаат систем којшто е контролиран од Европската унија, кој ќе ги дава парите и ќе го контролира трошењето. Сакаат на овој начин во четири очи, нетранспарентно“.
Филипче нагласи дека проблемот со Бугарија ние нема да се реши ни брзо ни лесно. Тој истакна дека реформите се клучни за европската перспектива и за подобар живот. „После тоа треба да се отворат поглавјата, да почне вистинската реформа на правниот систем, да се донесат реформските закони, од делот на енергетиката, од европските коридори и така да ги добиеме европските фондови. Или едноставно ќе чекаме и ќе велиме ‘Бугарите не нè признаваат’ и ќе останеме со ризикот по јазикот, по идентитетот — секогаш ќе има некои тенденции — и ништо нема да направиме,“ истакна Филипче.
Тој порача дека понудата за излез од ќорсокакот е на маса веќе три години и државата не смее повеќе да губи време. „Добро, ете, тоа е на масата. Три години е на масата таа понуда. До кога ќе чекаме?“, праша Филипче.
Претседателот на СДСМ го спореди сегашното однесување на власта со погубни политики од минатото во регионот. „Ајде да претпоставиме дека оваа влада нема да направи ништо за да ја подобри нашата преговарачка позиција. До кога ќе чекаат? Многу пати, многу влади во многу земји од регионот ја држеле земјата во статус кво, собирале огромен број на луѓе на митинзи на Газиместан, на пример, стотици илјади Срби доаѓаа, па се покажа после деценија и повеќе дека таа политика не е во национален интерес на Србија и на Србите. До кога ќе чекаме ние и што ќе правиме?“, рече Филипче.