Мицкоски до Софија: Ако барањето за промена на Уставот не е мешање, тогаш не знам што е !

„Јас би се повикал на меѓународното право., на Конвенцијата за заштита на правата на заедниците при што не можам да одбегнам да не го коментирам правото на македонската заедница во Бугарија, кое се темели на 14 пресуди од Судот за човекови права. Ние сите како граѓани треба да дадеме поддршка на таа македонска заедница во Бугарија, која за жал во 21 век, во земја членка на ЕУ, не може тоа право да го оствари, изјави денес премиерот Христијан Мицкоски како реакција на бугарските обвинувања дека се меша во внатрешните работи на соседната држава.
„Ова нема никаква врска со внатрешните работи и се темели исклучиво на Резолуцијата за заштита на човековите права која е ратификувана и од нашиот источен сосед и наш партнер во НАТО“, додаде Мицкоски. Тој рече дека „навистина жали што новиот министер за надворешни работи на Бугарија заборава дека добрососедските политики се темел на една европска перпектива и дека сме партнери во најголемата заедница, алијанса во човештвото, НАТО заедницата“.
„Ние таму ќе продолжиме да функционираме и ќе останеме тука, но и нашите сограѓани ќе останат таму каде што се во Бугарија. Наша цел е да градиме добрососедски односи, но кога станува збор за вистината, тука сме да ја коментираме. Доколку промената на Уставот не е директно мешање во внатрешните работи на една суверена и независна држава, тогаш навистина не знам што е тоа“, рече Мицкоски.
Прашан за европската иднина на земјата, премиерот подвлече дека втората стратешка цел на државата е полноправно членство во рамки на ЕУ.
„Ние не сме како некои поранешни политичари и тоа да го гледаме како егзибиционизам, кариеризам и нешто што претставува сосема спротивно од очекувањата и интересите на граѓаните и од заштитата на националните интереси. Македонските граѓани и државата во целина очекуваат вистински пат кон ЕУ, нешто што го очекуваме повеќе од две децении и што ќе се темели на Копенхашките критериуми, на систем базиран на заслуги и, ни повеќе ни помалку на она што го добија сите оние земји членки што пристапија, а не на билатерализација и решавање на билатерални спорови. Не смееме да дозволиме европската иднина да биде зависна од решавање на билатерални прашања кои немаат никаква врска со 21 век, туку се поврзани со нешто што се случувало во средниот век“, подвлече премиерот Мицкоски.
Тој не сакаше да ја коментира вчерашната изјава на евроамбасадорот на ЕУ Михалис Рокас дека има засилена дипломатска активност за деблокада на пристапувањето на земјата во ЕУ. Кратко одговори дека можна деблокада може да се случи и задутре и дека тоа не зависи од нас, туку од други фактори, а новинарите за повеќе појаснувања ги упати да се обратат кај евроамбасадорот.