Мицкоски дава идеја, Антонио Милошоски спроведува

Потпретседателот на Собранието и поранешен министер за надворешни работи, Антонио Милошоски, денеска на прес-конференција ја разработи идејата што синоќа во интервју на Канал 5 ја даде премиерот Христијан Мицкоски. Тој даде еден предлог кој изгледа невозможен – самиот бил подготвен заедно со Бугарија, преку бугарските пратеници во Европскиот парламент, да поднесе резолуција во која „јасно ќе стои македонскиот многувековен посебен идентитет и јазик… и да почнеме да испорачуваме“.
Милошоски денеска го разработува овој предлог: „Ако Бугарија тврди дека проблемот, на отпочнувањето на преговорите со ЕУ, се само Бугарите во Уставот, предлагаме да поднесеме заедничка Резолуција во ЕП со која што ќе се потврди самобитноста на македонскиот идентитет и јазик, а истовремено ќе ја зголеми и довербата помеѓу Македонија и Бугарија. Понудата којашто е дадена од премиерот Мицкоски, е отворена“.
Но тој веднаш кажа дека имаат задршка во владејачката партија. „Имаме доза на скептицизам дали ова барање ќе биде прифатено од официјална Софија, бидејќи тоа што го гледаме од страна на источниот сосед, посебно некои нивни владини претставници изгледа како да имаат одредени задни намери. Отворањето на Уставот, изгледа дека за многу владини претставници во Софија, е само почеток на многу други барања и многу други изговори за идни блокади.
Реалноста е дека добар дел од официјалните претставници на Бугарија, работат на негација на македонскиот идентитет и јазик, нешто слично како што Русија ја негира самобитноста на украинскиот јазик и посебноста на украинскиот народ.
Бугарија, за жал, сака да спроведе еден историски инжинеринг, каков што не е спроведен никаде во современиот демократски свет. За жал, помош за ваквиот обид на официјална Софија добиваат и од некои претставници на СДСМ“, рече Милошоски.