Мицкоски чека да преовладеел разумот кај Таравари околу коалицирањето со власта
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, го нарече јавна тајна преговарањето на власта со Алијансата за Албанците за влегување во владата.
„Тоа не е нешто кое што не изненадува нас, за тоа се зборува недели наназад. Но секоја политичка партија има свое автономно и автохтоно одлучување“, изјави Мицкоски откако денеска медиумите информираат за средба помеѓу Арбен Таравари в.д. претседател на Алијанса за Албанците и премиерот Димитар Ковачевски.
На коментарот дека единствени политички партии во опозиција ќе останат ВМРО-ДПМНЕ, БЕСА и Левица, Мицкоски рече дека ова е доволна порака за граѓаните како да постапуваат на следните парламентарни избори.
„Тоа е доволна порака до граѓаните како да постапуваат за следните парламентарни избори. Ако го имате СДСМ како малцински фактор во владата кој ќе направи сѐ за да остане ден повеќе за да може да поминат неколку тендери во четири очи, за да може повеќе да краде и да се создаваат вакви паразити за кои што објавуваме деновиве, тогаш единствен суверен за да го спречи тоа, покрај ние политичарите во опозицијата, е народот. И на следите парламентарни избори јас очекувам да бидат девастирани политиките на оваа влада предводена од СДСМ“, рече тој.
Мицкоски смета дека доколку Алијанса за Албанците стане дел од владата на СДСМ и ДУИ, тогаш тоа е комплетно политичко скршнување од тезите кои биле кажувани изминатиот период, нагласувајќи дека доколку еден политичар ја обвинува владата дека работи погрешно, коруптивно и криминално, а подоцна стане дел од неа, тогаш тоа значи легитимирање на сите погрешни политики и единствено нешто за кое што сте се грижеле е само да се дограбат до одредена функција и фотелја.
Мицкоски смета дека ќе преовлада разумот кај Таравари и Алијанса за Албанците, но што и да одлучат за евентуален влез во владата на СДСМ и ДУИ, тоа ќе биде нивна одлука.
„Јас сепак мислам дека на крај ќе преовлада разумот кај Таравари и Алијанса на Албанците, но тоа е нивна одлука“, вели Мицкоски.