Мицкоски барал кандидат кој ќе биде добар за Кичево, а не за ВМРО-ДПМНЕ

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на денешниот народен митинг во Кичево, изјави вечерва дека кога размислувал кој да биде кандидат за градоначалник на Кичево, не размислувал кој ќе биде најдобар за ВМРО-ДПМНЕ, туку кој ќе биде најдобар за Кичевчани.
„Кој може да се бори за сите вас, и за ВМРО-ДПМНЕ, но и за СДСМ, и сите останати. И за Македонците, и за Албанците, и за Турците, и за Ромите и за сите граѓани коишто се дел од овој град. Од Александар слушнавте, на еден многу оригинален и живописен начин, каква визија има за Кичево и како ја гледа иднината на Кичево. Кои се проектите коишто ќе ги реализира од неговата програма. Но, јас ќе ви говорам за најважниот проект, и за Александар, но и за Кичево. Тоа е заедништвото и обединувањето на Кичево “, рече Мицкоски.
Мицкоски повика на обединување и заедништво без разлика на партиска, етничка или верска припадност, и додаде дека овие избори се моментумот, и избори од кои ќе зависат идните генерации.
,,Сите ние мора да се обединиме околу заедништвото и да ги премостиме сите наши разлики, сите наши несогласувања и различни погледи. Овие избори се тој моментум, од чија одлука зависат генерации и генерации потоа. Ова е неповторлива можност, сега да покажеме единство и разбирање за тоа што му треба и што е она вистинското за Кичево“, кажа Мицкоски и додаде:
,,Мора да се обединиме сите, без разлика на партиска, етничка, верска или било каква друга припадност, и да застанеме сложно во одбрана на своето место. И за иднината на своето место и сите да излеземе масовно на 19 октомври, да го заокружиме бројот 9 за Алекснадар да биде идниот градски татко на Кичево, на сите кичевчани “, заклучи Мицкоски.
Во своето обраќање, Мицкоски остро ја критикуваше опозициската ДУИ и нејзиниот лидер Али Ахмети, обвинувајќи ги за богатење на сметка на народот.
– Што ќе му е Зајас на Али ако е празен? Нема радост ниту во дворците, ако народот околу тебе е гладен и раселен – рече Мицкоски.
Тој додаде дека 20 години владеење донеле сиромаштија и иселување, а Александар нуди проекти за сите заедници во градот, без поделби и привилегирани групи.
– На нечесноста од ДУИ ќе одговориме сложно, сите кичевчани. Ако и некој од нашите погреши, исто ќе ве повикам да се обединиме против тоа – порача Мицкоски.
Тој заклучи дека времето на поделби мора да заврши и дека само преку работа, одговорност и заедништво може да се постигне вистинска промена.
– Мора резултати, мора дела, мора заедништво. Само така победата е можна и блиску – заврши тој.