Мицкоски бара да се повлече Законот за пописот
ВМРО-ДПМНЕ нема да ги признае резултатите од пописот ако тој се одржи според предложениот закон што од денеска се очекува да влезе во собраниска процедура, рече лидерот на партијата, Христијан Мицкоски. Како што кажа тој на денешната прес конференција, партијата ќе се мобилизира заедно со граѓаните ако власта го донесе предложениот закон за попис и ќе почне да собира потписи за донесување на предлог-закон со кој би се поништил новодонесениот.
Ако и тогаш законот не биде повлечен и пописот се одржи без консензус, ВМРО нема да ги признае резултатите.
„Ако и покрај тоа и овој предлог закон владејачкото мнозинство одлучи да го игнорира и да ја игнорира војлата на илјадници, десетици и стотици илјади македонски граѓани, тогаш ВМРО-ДПМНЕ јасно кажува дека резултатите нема намера да ги признае и идните раководители на институции, коишто ќе бидат избрани како предлог на ВМРО-ДПМНЕ, резултатите нема да ги почитуваат“, рече Мицкоски.
Според Мицкоски, попис како статистичка операција се прави откако претходно ќе се постигне национален, општествен и политички консензус.
„Тоа во овој случај изостана бидејќи во рамките на парламентарната комисиска расправа опозицијата предложи 40-тина амандмани и ниту еден од нив не беше прифатен од страна на владејачкото мнозинство туку директорот на ДЗС беше благо укорен од претседавачот на Комисијата, немој да се мешаш затоа што се е веќе договорено“, изјави Мицкоски.
Мицкоски додаде дека поради пандемијата неколку држави многу поразвиени од Македонија веќе го одложија пописот. Имено, Германија пописот планиран за 2021 година го одложи за мај 2022 година. Шкотска пописот планиран за 2021 година го одложи за март 2022 година. Ирска пописот планиран за 2021 година го одложи за април 2022 година.
„Романија пописот планиран во 2021 година го одложи за јуни 2022 година, соседна Србија за октомври 2021 година, а Бугарија исто така. Во план е и Хрватска да го одложи пописот поради Ковид пандемијата и се разбира ужасната несреќа, природна непогода која што се случи поради земјотресите во областа на градот Петриња, и така натаму има уште многу примери за кои што би можел сега да дискутирам“, нагласи Мицкоски.