Мичиген конечно ја потврди победата на Бајден


Изборните службеници во Мичиген во понеделникот ја потврдија победата на демократот Џо Бајден со 154.000 гласови во државата и покрај дрските обиди на претседателот Доналд Трамп да ги поништи резултатите од изборите.

Државниот одбор за потврдување, во кој има двајца републиканци и двајца демократи, ги потврди резултатите со 3:0 во гласови и еден воздржан. Сојузниците на Трамп и губитникот на изборите за Сенатот, Џон Џејмс, го повикаа панелот да го одложи гласањето за две недели за да се изврши ревизија на гласовите во силно демократскиот округ Вејн, дом на Детроит.

Овој потег е уште еден неуспех во напорите на Трамп да употреби неконвенционални средства за поткопување на резултатите од изборите на 3 ноември и се случи дури откако тој направи и директен притисок кон републиканските претставници во државата со покана во Белата куќа минатата недела.

Според законот на Мичиген, Бајден ги добива сите 16 електорски  гласови. Бајден победи со 2,8 процентни поени – поголема разлика отколку во другите држави каде Трамп ги оспорува резултатите, како Џорџија, Аризона, Висконсин и Пенсилванија.

Некои сојузници на Трамп изразија надеж дека државните законодавци можат да интервенираат при изборот на републикански електори во државите каде не се потврдени резултатите. Тој обид веќе не е можен во Мичиген. (АП)