Мицевски: Ќе одиме на координација за да ѝ го вратиме предлогот на Владата


Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски најави дека на  денешната координација свикана од претседателот на Собранието, Талат Џафер,и ќе присуствуваат соамо за да ги повторат ставовите и барањата на пратеничка група.

„Иако испративме писмо до Талат Џафери, за кое ја известивме и јавноста, сѐ уште немаме никаков одговор за нашите барања. Затоа,  истите барања ќе му ги соопштам денес лично на Џафери. Бараме да се врати информацијата што ја испрати Владата како нецелосен материјал и да не се нарушува дигнитетот на Собранието со еден ваков документ. Листот хартија што Владата го нарекува Информација за содржината на Предлог преговарачката рамка за преговори помеѓу Македонија и ЕУ е крајно непочитување на нас пратениците. Не може со еден лист хартија да се дискутира за најважната работа во државата во наредните десетина години. Тоа е класична деградација на интегритетот и интелектот на секој пратеник. Денес повторно ќе побарам овој лист хартија со допис, да се врати во Владата и да се потенцира дека за меѓувладината конференција одлучува Владата и истата да не се крие зад пратениците барајќи некаква одлука од Собранието“, рече Мицевски.

Тој побара исто така под итно да се достави македонско-бугарскиот протокол, кој што го издигна на ниво на најважен документ во овој процес .

„Ако пратениците од владиното мнозинство се подготвен на вакво понижување ние од опозицијата не сме и затоа бараме да бидат доставени сите документи согласно собраниско- деловничката процедура. Исто така, Собранието мора да биде спремно да ги слушне и реакциите на граѓаните, експертите, невладиниот сектор и сите други засегнати страни и да организира дебата и разгледување на овој предлог“, вели тој.

Мицевски уште порачува дека мора да се даде време и на работните групи кои се формираа во Собранието да ги разгледаат сите документи кои ги има Владата, но и сите можни предлози со цел овој процес да го направиме што е можно потранспарентен.

„Ваквото брзање може само да нѐ доведе до слепа улица од која враќање назад нема“, рече тој и додаде дека ако Џафери и парламетарното мнозинство ги заобиколат и изиграат собраниските процедури, одоговорноста за ситуацијата во која ќе се најде државата ќе биде на Талат Џафери, Владата и пратениците од парламентарното мнозинство.