Ми се оствари голема желба, вели Милка Ефтимова за изложбата на нејзините лични предмети (фото)
„Од семејно наследство, тие сега добија музејска значајност“

Импресивна кариера со 1.200 настапи на оперската и на концертната сцена, во дваесетина земји на светот на оперската дива Милка Ефтимова ( 1936, Радовиш) која и во деветтата деценија изгледа отмено, не излегува надвор недотерана и без шминка, а меморијата ѝ работи како швајцарски часовник, е распослана во фоајето на Музејот на македонската борба во Скопје на изложбата на дел од нејзините лични предмети како нејзина донација која ќе биде отворена до 15 јануари 2024.

„Милка Ефтимова имаше голема желба и донираше 183 лични предмети: фотографии, благодарници, ордени, креации во кои настапувала. Од семејно наследство, тие сега добија музејска значајност“, кажа директорката на Музејот м-р Даниела Николова на отварањето на раритетната изложба на која дојде и претседателот Пендаровски кој лани и додели Орден за заслуги на Република Северна Македонија.

Автор на изложбата е Василија Чали , соработник за визуелни уметности, дизајн и архитектура.

Ефтимова, која ја паметиме по прекрасната улога на Кармен, која ѝ донесе и регионална слава и безвременска вредност и радост на нашето поднебје, беше емотивна по повод изложбата, како круна на нејзиниот живот, за кој вели дека „многу пати прилегаше на сон“ , по ланската промоција на нејзината библиографија за нејзиниот уметнички пат, послан со цвеќиња „Моето богатство“ .

На 400 страници, со текст и фотографии, останувате без зборови за завидната кариера – ќе речете. Цело богатство! Да, се согласувам, ќе напише во уводот, почитуваната Ефтимова.

„Многу или малку- не знам. Но, секако знам: малкумина се оние што го живееле и го доживеале сето она, што јас сум го остварила во животот низ уметноста. Но, тоа бил мојот пат. Оној што е еден и единствен-за секој човек“.

Во 1961 година првпат застанала на сцената на оперскиот театар. Првата улога ѝ била Ацучена во Вердиевиот „Трубадур“, а од оперската сцена јубилејно се простила со Кармен во 1991 година. Таа ѝ била 157. претстава.
Како алт и мецосопран певица, е доајен на Македонската опера и редовен професор во пензија на Факултетот за музичка уметност во Скопје.

„Ми недостигаат сцената, публиката, никогаш нема да ги заборавам настапите ширум Европа, Америка и во Македонија, само на „Охридско лето“ настапував дваесет пати… Улогите во „Трубадур“, „Бал под маски“, „Мадам Батерфлај“, „Евгениј Оњегин“, „Кавалерија Рустикана“, „Кнез Игор“, „Фауст“, „Кармен“, по која најмногу ме препознаваат. Од нас се очекуваше улогите да ги пееме во оригинал, на италијански, германски или француски јазик – изјави Ефтимова за „Независен“, лани, по повод објавувањето на книгата „Моето богатство“, поддржана од Министерството за култура и бројни спонзори. (Л.С.)