Метрото, трамваите и неколку автобуски линии во Атина секоја сабота ќе сообраќаат 24 часа

Почнувајќи од оваа сабота и секоја сабота, метрото, трамваите и десет автобуски линии во Атина ќе сообраќаат 24 часа, а не само до полноќ како што беше случај досега, со цел младите безбедно да се врата дома без автомобили.
Алтернативниот министер за транспорт и инфраструктура на Грција, надлежен за јавниот превоз Константинос Киранакис преку видео на социјалните мрежи порача дека ова е „потег што го бараат општеството, младите, нивните семејства за да можат дома да се вратат безбедно“, но и дека „главната причина за смрт на младите под 29 години се сообраќајните несреќи“, а 24-часовната работа на метрото, трамваите и дел од автобусите е обид за „намалување на сообраќајните несреќи во главниот град“.
На почетокот на јули беше воведена пилот 24-часовна работа на јавниот превоз со најава дека од септември ќе биде воведена регуларно секоја сабота.
Тогаш, Киранакис се возеше со автобус и метро во текот на ноќта, коментираше дека „Атина не спиеше“ и посочи дека „за прв пат по 20 години, целиот систем на јавниот превоз остана отворен цела ноќ и десетици илјади млади луѓе го искористија“.
Портпаролот на грчката Влада Павлос Маринакис, тогаш истакна дека за време на пробното работење вкупно 50.000 граѓани ги користеле транспортните средства.
Со исклучок на неколку ноќни автобуски линии, во Атина, по полноќ не сообраќаа јавниот превоз.