Метелкова во Љубљана – Уметничкиот бунт ја победи воената касарна

Културниот центар во поранешната касарна е паралелен универзум. Секој дел од него изгледа како платно


Метелкова е јадро на алтернативата во Љубљана

 

Ако Љубљана преку ден е пристојна, малку стерилна европска дама дотерана во зелен фустан, која го пие своето макијато покрај Љубљаница, тогаш АКЦ „Метелкова место“ е нејзиниот бунтовен, тетовиран братучед со пирс на веѓата, кој сè уште се буди напладне.

Онаму каде што пред нешто повеќе од три децении маршираа војниците на Југословенската народна армија (ЈНА), а строгиот воен режим диктира дисциплина, денес ѕидовите се покриени со илјадници слоеви шарени графити.

Од прозорците на поранешните самици не гледаат затвореници, кои сонуваат за слобода, туку туристи што уживаат во алтернативниот комфор.

Добре дојдовте во АКЦ „Метелкова место“, автономниот културен центар во Љубљана, кој важи за еден од најголемите, најжилави и најуспешни урбани сквотови (самоволно вселување или користење на напуштен или неискористен објект, земјиште или зграда без дозвола од сопственикот. во Европа.

Зачекорувањето зад портите на некогашната касарна на ЈНА е како да сте отвориле врата кон паралелен универзум. Војничката СМБ (сиво-маслинеста) боја, некогаш задолжителна за секој шлем и шинел, одамна капитулирала пред цијан-сината, дречливо жолтата и крвавоцрвената. Секој дел од комплексот, кој се протега на 12.500 квадратни метри, е платно.

Мозаиците од скршени плочки, железните скулптури што личат на механички инсекти и графитите го привлекуваат погледот уште пред да трепнете.

Од воена дисциплина до креативен хаос

Историјата на ова место е приказна за граѓански отпор, добро позната на просторите на поранешна Југославија. Во септември 1993 година, откако армијата ги напушти касарните, тогашните градски власти планираа да ги урнат објектите. Но, мрежа од околу 200 независни уметници, активисти и интелектуалци ги проби оградите, ги окупира зградите и ги прогласи за автономен простор. Три децении подоцна, тој бунт е врежан во секоја тула.

Графити, графити

Дневната светлина овде не ги крие несовршеностите. Ги слави како дел од уметнички манифест. Поранешните воени згради, денес претворени во ателјеа, галерии и простори за проби, изгледаат како декор за скеч во кој воената дисциплина ненадејно е заменета со креативен хаос. Наместо утринска смотра и остри команди, низ дворот одекнува тропање на чекан од некое студио, од отворен прозорец допира џез-импровизација, а локалните мачки се однесуваат како единствени вистински сопственици на комплексот.

Ова е музеј на отворено во кој никој не ви вели „не допирај“. Сè е создадено да се гледа, да се чувствува и постојано да се преобликува.

Дека Метелкова одамна не е само радикален сквот на маргините, покажува и фактот што во истиот двор, разделен со невидлива линија на толеранција, се наоѓа Музејот на современа уметност. Градските власти во Љубљана со години го прифаќаат овој парадокс, свесни дека Метелкова станала еден од најголемите културни брендови на Словенија.

Воздухот во Метелкова преку ден е мешавина од мириси: слаткастиот спреј за графити, влагата на старите ѕидови, земјата од импровизираните градини и чадот од евтин тутун. Насекаде се чувствува духот на културата „направи сам“. Тука и најобичното парче старо железо може да добие нов живот, ако некој има доволно фантазија и трпение. А љубов има на претек.

Овде има мали гастрономски ритуали на слободата, далеку од стерилните туристички менија во центарот. Метелкова преку ден не е место со класичен кафански ритам. Поголемиот дел од баровите својот вистински живот го чуваат за ноќта во најава. Затоа дневниот пијалак најчесто е кафе за носење или ладно локално пиво од лименка, отворено на клупа.

Ако сепак посакате маса и столче, на неколку чекори од шарените ѕидови ве чека „Целица“, некогашниот австро-унгарски воен затвор, подоцна затвор кој го користела ЈНА, а, денес уметнички хостел. Благодарение на визијата на локалните уметници, тој е прогласен за еден од најоригиналните хостели во светот: посетителите можат да преспијат во поранешни затворски ќелии кои ги задржале решетките на вратите, но добиле уникатен уметнички ентериер. Има нешто иронично во тоа да пиете еспресо во простор што некогаш бил наменет за затворање луѓе. Секоја соба ја уредувал различен уметник, со желба да пренесе порака, и секоја раскажува сосема различна приказна.

Преку ден, Метелкова е уметнички хаос и мирно засолниште за уметници, љубопитни патници и локални филозофи кои ја практикуваат уметноста на бавното живеење. Сè е питомо, речиси медитативно. Но, кога сонцето ќе оди на спиење, шарените ѕидови почнуваат да се менуваат. Тивките ателјеа се затвораат, а клубовите „Гала хала“, „Ченел зиро“ и другите алтернативни сцени ги загреваат звучниците за ноќта што доаѓа.

Тогаш почнува вистинската Метелкова, натопена во пот, пиво и слобода. (МИА)