Место по седум месеци, градинката во Точила отворена по четири години

Новата детска градинка „Бајка“, сместена во урбаното јадро на населбата Точила во Прилеп денеска беше официјално отворена, како дел од Јавната општинска установа „Детски градинки – Наша Иднина“.
– Овој капитален проект, со капацитет за над 200 дечиња, е од непроценливо значење за младите семејства во нашиот град. Со неговото пуштање во употреба, конечно ставаме крај на деценискиот проблем со листите на чекање и обезбедуваме топол, безбеден и стимулирачки простор за најмладите прилепчани – рече градоначалникот Борче Јовчески.
За оваа градинка се потрпшија 133 милиони денари – средства целосно обезбедени од општинскиот буџет, а е со капацитет од 218 деца, што е помалку од првично планираните 252 деца.
Дополнително, Советот на Општина Прилеп изгласа бесплатно во оваа градинка да се згрижат 25 деца од ромската популација.
Нејзината изградба почна во април 2021 година, а ја најавија тогашниот премиер Зоран Заев и министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска. Тогашниот градочаналник Илија Јованоски најави дека градинката, која е прва по 40 години изградена во Прилеп, треба да биде готова за седум месеци, но нејзиното отворање се случи денеска, затоа што и покрај тоа што беше навремено изградена се констатираа градежни пропусти според едни, а според други Министерството за финансии не одобрувало вработувања, па децата немаше кој да ги чува и воспитува.
Денеска, пак, градоначалникот Јовчески, рече дека тие доградиле трафостаница, ограден ѕид за безбедност, набавиле современи реквизити за игра и развој и целосно опремување на просториите според највисоки стандарди за предучилишна грижа и едукација.
Како што вели директорката на градинката е Христина Трпческа, две од планираните занимални не можат да се користат за таа намена, затоа што наводно се изградени без санитарен чвор, тоалети и чешми, па затоа и е намален капацитетот на градинката. Во Прилеп, за прием во градинка чекаат над 300 деца. Според најавата на сегашните власти, проблемот треба да се надмине со изградба на уште еден објект, но ако и на него се чека како за овој, дел од сегашните генерации деца, воопшто нема да влезат во претшколскиот систем, пред да тргнат во училиште.