Место општинска зграда во Реонски центар Аеродром ќе никне парк


Фото: Независен весник

Советот на Општина Аеродром ќе избришае две градежни маркици во Реонски центар и на ова место ќе се гради голем парк, информира градоначалникот Тимчо Муцунски, велејќи дека Аеродром е прва општина што пренаменува маркица од згради во паркови.

– На моја иницијатива до советот на Општина Аеродром беше поднесено барање за започнување на постапка за бришење на две градежни маркици во Реонски центар каде беше предвидено да се гради општинска зграда и станбена зграда. Среќен сум што советот ја изгласа оваа иницијатива и дека конечно ќе се слуша гласот на граѓаните. На ова место во нашата програма предвидовме да има парк од 5.000м2 со монтесори содржини – вели Муцунски.

Градоначалникот вели дека целта е да се најдат похумани решенија и похумани искористувања на јавните простори.

– Таквата пракса во Аеродром ќе продолжи и во следниот период. Улогата на општината е да обезбеди поефикасен систем на јавни работи, меѓудругото тоа вклучува се поефикасни и пофункционални простори кои што се наменети за рекреација, имаат функција поврзана со зеленилото и похумано живеење – изјави Муцунски.

Муцунски, уште во текот на кампањата ветуваше дека општинската зграда на Аеродром нема да се гради на ова место и не според проектот кој веќе беше изработен од претходната владејачка гарнитура. Тој смета дека општинската зграда треба да биде во близина на кулите „Џеваир“ на парцела во сопственост на државата, односно дел од касарната „Гоце Делчев“.(Б.Б.)