Место Мицкоски повторно претседателката ќе оди на Генералното собрание на ОН

Претседателката Гордана Давкова Сиљановска и годинава ќе учествува на Генералното собрание на Обединетите нации иако според практиката ротираат претседателот на државата и премиерот, така што овојпат во Њујорк требаше да отпатува Христијан Мицкоски.
Според неофицијалните информации, премиерот Мицкоски се откажал од учество на Генералното собрание поради презафатеност со локалните избори.
Претседателката Сиљановска-Давкова за „Слободен печат“ изјавила дека „присуството на Генералното собрание на ООН е момент кога државата ја претставуваме на највисоко ниво, независно дали е тоа претседателот на државата или премиерот“.
Ротирањето на претседателот и премиерот на Генералното собрани на ОН во Њујорк не е формално, но воспоставен е принцип, односно практика што досега секогаш функционирала.Во мандатот на претходниот претседател Стево Пендаровски, на пример, во 2019 година на ГС на ОН учествуваше премиерот, наредната 2020 поради ковид-пандемијата претседателот имаше видео-обраќање, во 2021 година во Њујорк беше претседателот, во 2022 премиерот, а во 2023 година претседателот. Наредната 2024 година на ред беше да оди тогаш новиот премиер Христијан Мицкоски, но и лани тој се откажа, па на ГС учествуваше претседателката.