Место депонија, спортско-адреналински парк во Карпош
Во Општина Карпош денеска почна изградбата на спортско – адреналинскиот парк долж кејот на реката Вардар, со почетна точка кај алпинистичката карпа. Станува збор за нова, уредена зелена површина, спортско – рекреативна зона што ќе се простира на површина од 10.000 квадратни метри.
Општина Карпош за овој парк преку Секторот за развој аплицираше во рамки на Проектот за локална и регионална конкурентност (ПЛРК), при што добиен е грант од 38.100.000 денари. Оваа финансиска поддршка ја обезбеди Европската унија и Владата преку Кабинетот на вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев. Учеството на локалната самоуправа изнесува околу пет милиони денари.
Градоначалникот на Карпош, Стефан Богоев информира дека во рамки на паркот ќе има ново, уредено зеленило на површина од 4.000 квадратни метри, 120 нови дрвја, детско игралиште, фудбалско игралиште на песок со трибини, одбојкарско игралиште на песок со трибини, скејт парк и адреналински содржини. Оваа целина ќе биде заокружена со сквер што ќе се простира на површина од 140 квадратни метри. Зелената спортско – рекреативната зона ќе се надоврзува на големиот парк, до бунарите на реката Лепенец.
– По завршувањето на спортско-адреналинскиот парк се фокусираме на уредување на јавниот простор до бунарите на реката Лепенец. Како трајна придобивка е целосното разубавување на овој потег, конечното решавање на деценискиот проблем со создавање диви депонии и палење огнови на отворено, рече Богоев, додавајќи дека паркот се очекува да биде завршен до крајот на јуни 2020 година.