Местењето тендери инцидент или редовна појава?
Големи тендери што не се делат на лотови, речиси една третина со само една понуда, постојано зголемување на бројот на тендери без оглас затоа што се „крајно итни“ и на жалбите – ваква е сликата за јавните набавки во земјава спроведувани по стариот закон. Од април оваа година почна да важи новиот Закон за јавни набавки, каде што најниската цена не е одлучувачка, а електронската аукција не е задолжителна, и се чекаат наодите од мониторингот што е во тек за да се види дали навистина регулативата била таа што овозможувала местење на тендерска документација, ниска доверба на фирмите во јавните набавки, ниската конкуренција и мал број фирми што учествуваат во јавните набавки.
„Старата регулатива прилично го детерминираше начинот на кој се спроведуваа набавките и не беше гаранција дека ќе се избере најдобрата, односно најисплатливата понуда. Има надежи дека системот за јавни набавки ќе се подобри со новиот закон како рамка. Но, што и да се промени, треба да се промени прво интегритетот на луѓето, што не се прави преку ноќ“, вели Герман Филков, претседател на невладиното здружение „Центар за граѓански комуникации“, кое редовно ги мониторира, анализира и прави извештај за спроведувањето на јавните набавки во земјава.
Податоците велат дека во 2016 во јавните набавки се свртеле 962 милиони евра, во 2017 – 629 милиони, во 2018 тој износ расте на 756 милиони евра, а годинава е уште поголем. Интересни се оние 300 милиони евра помали набавки во 2017, што се толкува дека се должат дел поради изборите и дел поради страв бидејќи добар дел од случаите на СЈО се однесуваат на корупција во тендери.
Очекувањето за поголема ефикасност и помала корупција во јавните набавки експертите го темелат на неколку крупни промени во новиот закон, каде што се вметнаа антикорупциски одредби, се доработи делот за судир на интереси, се воведоа дополнителни барања за транспарентност и се прошири дејството на законот и на фазата на планирање и на фазата на реализација на договорите.
„Сега првпат ќе има извештај за начинот на спроведување на договорот. Потоа ќе се образложува секоја потреба од набавка, што е исто многу важно. Ќе треба да се образложи зошто нешто треба да се купи, што досега не беше случај“, објаснува Филков.
Во процесот на јавни набавки кај нас најмногу напор досега имаше во самата постапка на јавна набавка. Многу помалку во фазите на планирање и на реализација. Позитивната светска практика на јавни набавки покажува дека добра набавка е онаа каде што најголем напор има кај планирањето (што ќе се набави, зошто ни треба, со каков квалитет е) додека постапката е техникалија што ја одредува законот. И на крај, голем напор треба и за реализацијата на набавката: дали тоа што требало, навистина е купено, за одредената цена и квалитет.
И кога сме кај главната болка на тендерите, корупцијата, се покажува дека таа се договара кога се планира тендерот, се реализира во последната фаза на тендерот, а се овозможува во средната фаза, тендерската.
Корупцијата не е ни меѓу главните три проблеми на граѓаните во Македонија. Тоа го покажува и извештајот за проценка на корупцијата во Македонија изготвен од Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС), каде што корупцијата како проблем е дури на 5. место. Ова значи дека во земјата имаме многу други проблеми што луѓето директно ги чувствуваат не препознавајќи дека во голема мера се производ на корупцијата. Значи дека кај нас не се препознаваат ефектите на корупцијата врз животот. Ако патот попушти, тоа е поради корупција, бидејќи некој не ставил доволно асфалт.
Развиените земји функционираат со корупција од околу 20 отсто. Без навлегување дали процентот е повисок кај нас, тоа би значело дека ако набавките во земјава одат до милијарда евра некои години, значи минимум 200 милиони годишно се губат за корупција.
„Законот, колку да е сега подобрен, и да овозможува да победи најисплатливата понуда, сепак клучен е човечкиот фактор – интегритетот на луѓето што работат во јавните набавки. Притоа, во јавната набавка се инволвирани неколку нивоа од една институција. Прво, лицето што ги спроведува набавките, потоа комисијата за јавни набавки и најголемо влијание, како што покажува праксата, иако во законот тоа не е така поставено, има раководителот. Сепак, најмногу зависи од првиот човек на институцијата што врши јавна набавка. Тој што го потпишува договорот. И затоа одговорноста е најголема, ама и влијанието е најголемо. Во добро поставена набавка тоа треба да оди по автоматизам, ако секој си ја врши професионално својата работа. Затоа сите овие чинители треба да работат не само на подобрување на личниот интегритет туку и на демонстрирање на интегритетот. Џабе ни се секакви закони и укажувања ако системот за борба против корупција во јавните набавки не функционира“, укажува Филков.
Во државата, одговорно за јавните набавки е Министерството за финансии, кое има орган со правно лице Биро за јавни набавки, каде што е сконцентрирана контролата за време на спроведување на тендерите. Контрола на спроведените јавни набавки прави Државниот завод за ревизија во секоја институција каде што прави контрола на финансиското работење. Во секој ревизорски извештај има посебен дел за јавните набавки. За наодите за кои ревизорот ќе оцени дека се направени посериозни прекршоци дури и кривични дела, ревизорскиот извештај се испраќа до јавното обвинителство, до ДКСК, кои натаму треба да постапуваат по наодите. Без една алка од овие да функционира, борбата против корупцијата во јавните набавки ќе остане само на фрустрација.
Притоа, не треба да се испушта од вид дека и ЕУ во последниот извештај за државата забележува дека уште центрите на моќ во државата не демонстрирале дека бербата против корупција им е приоритет.
„Продолжуваат напорите за подобрување на политиките за интегритет, транспарентност и отчетност на јавните институции и државните претпријатија. Меѓутоа, потребно е тие да бидат надополнети со ефективен и навремен механизам за контрола на јавните набавки. Постои потреба да се применуваат административни казни за договорните органи во случај на повреда на законот за јавни набавки“, укажува Европската комисија.
Половина од фирмите сметаат дека во јавните набавки има корупција
Центарот за граѓански комуникации прави редовно годишно истражување кај фирмите за нивното искуство при учество во постапките за јавни набавки. Истражувањето од февруари оваа година покажало дека на прашањето дали сметате дека има корупција во јавните набавки, често одговориле 43 отсто, секогаш 5 отсто, ретко 34 отсто, а никогаш 19 отсто. Што значи, 48 отсто од компаниите сметаат дека во јавните набавки има корупција. На прво место, според видот корупција, се политичките врски (48 отсто) на второ класичниот поткуп, а на трето роднинските врски.
Заев: За две години 100 милиони евра заштеда
Премиерот Зоран Заев изјави дека изминативе две години биле заштедени над 100 милиони евра во јавните набавки со тоа што сите тендери прво мора да се објават на интернет-страницата „Е-набавки“, па потоа да се реализираат.
„Тоа и стравот од судски прогон, за што сигурно влијание има работата на СЈО, доведоа да имаме за две години заштеди од над 100 милиони евра во јавните набавки. Нема местење на тендерите и нема дување на цените“, изјави Заев.
Анита Салтировска