Меси со Интер Мајами ќе игра против бившиот клуб ПСЖ на Светското клупско првенство


Фудбалската икона Лионел Меси кој сега настапува за Интер Мајами во американската МЛС лига, во осмина финалето на Светското клупско првенство што се одржува во САД, ќе игра против својот претходен клуб ПСЖ, освојувачот на Лигата на шампиони. Двете екипи успешно ја минаа групната фаза од престижното клупско натпреварување.

Голманот на ПСЖ, Џанлуиџи Донарума, ги сподели своите очекувања пред осминафиналето на Светското клупско првенство против Интер Мајами, за кој игра аргентинскиот напаѓач Лионел Меси.

„Меси е добар другар, тој е неверојатен, тој е најдобриот фудбалер на светот. Имавме среќа да играме со него, беше неверојатно. За мене, тоа беа фантастични две години. Но, сега нашиот тим мора да победи, изјави Донарума за „DAZN“, стриминг платформата на која може да се следи бесплатно ова натпреварување.

ПСЖ се пласираше во плејофот на турнирот од првото место во Групата Б. Интер Мајами заврши на второто место во Групата А.

Тренерот на Интер Мајами, пак, Хавиер Маскерано, го коментираше нерешениот резултат со Палмеирас (2:2) во натпреварот од групната фаза на Светското клупско првенство.

„Беше одлична игра од наша страна, тешко е да се игра против еден од најдобрите тимови во Јужна Америка. Можеби на крајот натпреварот беше во наши раце, па затоа е чудно чувство, но ако пред турнирот некој ми кажеше дека ќе имаме таков настап против такви тимови, ќе се согласив со тоа. Ова е историска вечер за МЛС бидејќи сме меѓу 16-те најдобри тимови во светот и лигата треба да биде горда на Интер Мајами“, изјави Маскерано за веб-страницата на ФИФА.