Месечарење на планината на мегазаканите
Колку и да беа страшни настаните меѓу двете светски војни, денешните мегазакани се на некој начин уште пострашни
Неколку поврзани мегазакани ја загрозуваат нашата иднина. Некои се во правење долго време, некои се сосема нови. Ниската стапка на инфлација во периодот пред пандемијата го отвори патот за високите стапки што ги имаме денес. Секуларната стагнација – долги периоди на ниски стапки на раст поради опаѓањето на агрегатната побарувачка – еволуираше во стагфлација кога негативните шокови од страната на понудата се комбинираа со ефектите од релаксираните монетарни и фискални политики.
Каматните стапки долго време беа ниски – дури и негативни – и сега рапидно растат, зголемувајќи ги трошоците за задолжување, што носи ризик од каскадни должнички кризи. Поминува ерата на хиперглобализација, слободна трговија, преместување на производството во други земји и организирање синџири на снабдување за брза испорака на стоки. Се заменува со време на деглобализација, протекционизам, враќање на производствените капацитети дома (или барем во пријателски земји), трговија водена од националните безбедносни интереси и намалени синџири на снабдување.
Новите геополитички закани го зголемуваат ризикот од нови студени војни и вооружени конфликти и ја забрзуваат балканизацијата на глобалната економија. Ефектите од климатските промени стануваат посилни и се случуваат побрзо отколку што многумина предвидуваа. Пандемиите веројатно ќе станат почести, посилни и поскапи. Пробивот во вештачката интелигенција, машинското учење, роботиката и автоматиката се закануваат да ја продлабочат нееднаквоста, да произведат трајна технолошка невработеност и да донесат многу поубиствени оружја за водење неконвенционална војна. Сите наведени проблеми го зајакнуваат отпорот кон демократскиот капитализам и ги зајакнуваат популистичките, авторитарните и милитаристичките екстремисти лево и десно.
Она што јас го нареков мегазакани, некои други автори го опишаа како „поликриза“ – термин неодамна прогласен за збор на годината од „Фајненшел тајмс“. Кристалина Георгиева од Меѓународниот монетарен фонд зборува за „вкрстување на повеќе проблеми“. Минатата година таа предупреди дека светската економија се соочува со „веројатно најтешкиот тест од Втората светска војна“. Поранешниот министер за финансии на САД, Лери Самерс изјави дека сме во најсериозната економска и финансиска криза од финансиската криза во 2008 година. Светскиот економски форум предупреди дека сме на почеток на „уникатна, неизвесна и турбулентна деценија“.
Без разлика на прифатената терминологија, јасно е дека постои најширок консензус дека влегуваме во невиден период на невообичаено високи нивоа на неизвесност. На краток рок, можеме да очекуваме поголема нестабилност, нови ризици, поинтензивни конфликти и нови климатски катастрофи.
Во својот роман „Волшебниот брег“, објавен во меѓувоениот период, Томас Ман ја опиша интелектуалната и културната клима – и лудилото – од периодот пред Првата светска војна. Романот, кој почнал да го пишува пред избувнувањето на војната, бил завршен дури во 1924 година, што секако ја одредило неговата конечна форма. Приказната се одвива во санаториум за кој Ман најде инспирација во хотелот „Шацалп“ на една од височините над Давос, истиот оној каде членовите на светската елита ги организираат своите забави денес.
Оваа историска коинциденција е повеќе од интересна. Добата на мегазаканите во која живееме многу повеќе наликува на трагичниот триесетгодишен период помеѓу 1914 и 1945 година отколку на 75 години релативен мир, напредок и просперитет по Втората светска војна. Не смееме да заборавиме дека првата ера на глобализацијата не успеа да го спречи избувнувањето на светската војна во 1914 година. По трагедијата на светската војна, се нижеа пандемијата (шпанскиот грип), сломот на берзите во 1929, Големата депресија, трговски и валутни војни, инфлација, хиперинфлација и дефлација, финансиски кризи и банкроти, стапки на невработеност над 20%. Тоа беше криза што доведе до пораст на фашизмот во Италија, нацизмот во Германија и милитаризмот во Шпанија и Јапонија, што кулминираше со Втората светска војна и холокаустот.
Колку и да беа страшни настаните од овој период, денешните мегазакани се на некој начин уште пострашни. Генерацијата меѓу војните не мораше да се грижи за климатските промени, губењето на работните места поради автоматизацијата или проблемот со стареењето на населението (повеќето системи за социјална помош беа сè уште во повој и повеќето луѓе умреа пред нивниот прв пензиски чек). Исто така, светските војни се водеа главно со конвенционални средства. Денес, судирот меѓу големите сили лесно може да се претвори во неконвенционален конфликт, можеби дури и во нуклеарна апокалипса.
Соочени сме не само со најлошите аспекти на кризата од 1970-тите (повторени негативни шокови на страната на агрегатната понуда), туку и со најкатастрофалните елементи на кризата од 2007-2008 година (опасно висока стапка на задолженост) и 1930-тите. Новата „геополитичка депресија“ ја зголемува можноста за нови студени војни и вооружени конфликти кои може да се преклопат и да излезат од контрола.
Колку што знам, никој од учесниците на штотуку завршената средба во Давос не пишува одличен роман за нашето време на мегазакани. Но, состојбата во светот денес предизвикува темни претчувства добро познати на читателите на романот на Ман. Има премногу кои самоволно се тапкаат по рамо на собирот на Алпите и игнорираат што се случува во реалниот свет, како месечари кои не ги гледаат огромните пречки на нивниот пат. Мора да се разбудиме пред планината повторно да се затресе.
(Нуриел Рубини е професор по економија на Школата за бизнис Штерн на Универзитетот во Њујорк. Текстот е објавен од мрежата „Проект синдикејт“.)