Мерко контра Стефоска: Во Струга нема градби во заштитената зона
Општина Струга нема никаков проблем со заштита на природното и културното наследство и нема градби во заштитената зона, тврди градоначалникот Рамиз Мерко, по најавите на министерката за култура Ирена Стефоска дека ќе иницира пред Владата да се разгледа можноста за одземање ингеренции на општините Охрид и Струга за, како што рече, немањето волја за заштита на светското природно и културно наследство впишано на листата на УНЕСКО.
– Повеќепати сум изјавил дека ние немаме никаков проблем со заштита на природното и културното наследство. Целосно е запазена зоната покрај езерото да нема градби, ниту диви, ниту со дозвола. Во тој предел и не смееме да дадеме одобрение за градење. Одговорни сме и во никој случај не го загрозуваме природното и културното наследство за зачувување на стаусот во УНЕСКО, изјави Мерко.
Пред повеќе од една година, Општина Струга побара ослободување од ингеренциите во областа на урбанизмот, но од Министерството за транспорт и врски доби одговор дека за тоа не постои законска можност.