Мерко го замрзнал членството во ДУИ, партијата бара целосна истрага


 

Единствената одлука што ја донел струшкиот градоначалник Рамиз Мерко откако беше ставен на црната листа на САД е да го замрзне членството во раководните органи на ДУИ (тој е член на Претседателството),  а партијата бара сеопфатна истрага за наводите на Стејт департментот за корупција.

Ова се двата заклучоци на партијата кои ги пренесе портпаролот на ДУИ и министер за надворешни работи, Бујар Османи, по дводневното премерување на следните партиски чекори.

„Раководството на партијата го прифати предлогот на градоначалникот на Струга, Рамиз Мерко, да ги замрзне членството и активностите во партијата и во нејзиното раководство. Тој веќе не е член на раководството на ДУИ, ниту член на партијата додека не се завршат истрагите против него“, рече денеска Османи.

ДУИ бара институционална верификација на сите тврдења на Стејт департментот и веднаш да почне сеопфатна истрага за нив. Во јавното обвинителство има отворени шест постапки против Мерко.

„ДУИ има јасни ставови по однос на владењеето на правото и борбата против корупцијата и таквите ставови се претворени во формални одлуки на партијата“, рече Османи.

Османи соопшти дека ДУИ ја прекинува и предизборната активност во Струга, додека не се создадат нови услови за нивно организирање. Партијата истовремено донела заклучок со кој бара и проверка на сите функционери, почнувајќи од лидерите на сите политички партии, преку високите функционери, до најниските ешалони.

Според него, партијата ги почитува ставовите на САД и ги смета за добронамерни. Според него, секој успех на оваа држава носи печат и на САД.