Меркел: Планот за заеднички пазар на Западен Балкан е важна пресвртница
Германската канцеларка Ангела Меркел изјави дека планот за создавање на заеднички регионален пазар на Западнобалканската шесторка, што беше усвоен денеска на Самитот во рамките на Берлинскиот процес, претставува важна пресвртница и охрабрувачка порака.
– Тоа ќе биде стимул за нашите економии од што ќе имаат корист и граѓаните и компаниите, нагласи Меркел по Самитот на Берлинскиот процес во Софија.
Меркел им честиташе на учесниците на Самитот за напредокот што го постигнаа во тешки околности, кога економиите се под притисок поради пандемијата на новиот коронавирус.
– Исто така, ви честитам за договорот за зелената агенда, што јасно покажува дека сите сме заинтересирани за транзиција кон економија без јаглерод-диоксид. И тоа е во срцето на нашата агенда, климатските промени и покрај пандемијата остануваат многу важно прашање, рече Меркел.
Таа изјави дека сите земји мора да се приспособат на предизвикот за климатските промени, дека тоа е важно и за Западен Балкан и ги пофали лидерите од регионот кои, како што рече, „покажаа дека ја делат таа одговорност“.
Меркел ја посочи важноста на фактот дека денешниот Самит во Софија е прв во рамките на Берлинскиот процес, кој беше заеднички организиран од членка на ЕУ и земја што сака да стане членка на Унијата, Бугарија и Република Северна Македонија. Денешниот самит е седми во рамките на Берлинскиот процес, започнат во 2014 година.
Германската канцеларка рече дека прашањата за помирување и надминување на наследството од минатото се дел од берлинскиот процес и додаде дека се надева оти процесот ќе продолжи.
– Мора да се согласите едни со други, не заборавајте на тоа, тоа е многу важно, рече Меркел на крајот од своето обраќање.
Таа исто така изјави дека тоа е „многу добар знак“ дека Регионалната канцеларија за младинска соработка (RYCO), основана како дел од Берлинскиот процес, веќе овозможи 8.500 млади луѓе од регионот да се состанат.
Заедно со Меркел, на Самитот присуствуваа и претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајан, европскиот министер за надворешни работи Жозеп Борел, европскиот комесар за проширување Оливер Вархеји, францускиот претседател Емануел Макрон, хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ и генералниот секретар на Советот за регионална соработка Мајлинда Брегу.
На самитот, под претседателство на премиерите на Бугарија и Северна Македонија, Бојко Борисов и Зоран Заев, присуствуваа и премиерите на Србија и Албанија, Ана Брнабиќ и Еди Рама, црногорскиот претседател Мило Ѓукановиќ и министерот за надворешни работи на БиХ, Бисера Турковиќ.
Борисов и Заев претседаваа со Самитот во Софија, додека другите учесници се обратија преку видео-врска поради пандемијата.