Мерис: Ви требаат политички партии што ќе ги надминат етничките линии заради доброто на земјата

Нема гаранција дека Северна Македонија ќе стане членка само затоа што го сменила Уставот, но има гаранција дека ако го смени, ќе ги почне преговорите да стане членка, вели белгискиот амбасадор Фредерик Мерис


Белгискиот амбасадор Фредерик Мерис

 

Амбасадорот  на Белгија одговорен за Македонија, Фредерик Мерис, неделава во македонското Собрание ги преставуваше приоритетите на белгиското претседателство, токму кога се случуваше драмата околу смените во техничката влада, а надвор од собраниските кулоари се тркалаше пасошката драма. Како амбасадор на земја претседавач  со ЕУ, кој исто така ја покрива Македонија од Бугарија, а е одговорен и за Албанија, тој даде неколку оценки за состојбата во која се најдоа преговорите на Македонија со ЕУ, за ветровите меѓу Скопје и Софија и за внатрешните случувања, вклучувајќи ја и можната одлука на ЕУ за тоа како да се соправи со нашите граѓани што ќе останат без документи.

Негова клучна оценка притоа е дека во парламентот точно знаат кои се конкретните проблеми со кои треба да се соочат и дека за нив треба да се донесат одлуки, но дека немаат заклучоци како да го постигнат тоа – што треба да го постигнат. Решенијата за проблемите на Македонија ги гледа во правењето компромиси и во напорите да стане земја членка на Унијата. Иако доаѓа од земја поделена по лингвистички линии, тој смета дека во одреден момент и македонските и албанските политички партии треба да се издигнат над етничките групи и да работат за доброто на целата земја. Во Македонија, вели исто така Мерис, сѐ уште нема култура во политиката да се работи за интересите на државата а не само за сопствените политички интереси. 

 

Господине амбасадоре, што може да направи Белгија околу преговорите на Македонија со ЕУ додека е претседавач? Никој веќе не доаѓа, никој не ја споменува земјава во Брисел… Дали ќе биде ова изгубено време?

Не се согласувам дека не се споменува вашата држава во ЕУ. Само што имаше состанок на работната група за проширување каде што се зборуваше каква е ситуацијата во земјата, каде сме во однос на извештајот, што треба да се направи, што ќе се случи и слично.  Северна Македонија е во голема мерка присутна на мапата, а колегите во работните групи гледаат како може да се постигне напредок на техничко ниво. На политичко ниво сме навистина блокирани со прашањето за уставните измени.

Целото прашање е дали белгиското претседателство може да направи нешто процесот  да се придвижи напред? Но, тоа не е лесно, бидејќи вие имате избори и прашање е дали е разумно пред избори да имаме значајно влијание меѓу партиите бидејќи прашањето е премногу сензитивно и веднаш штом ќе го допрете, веројатно ќе предизвикате повеќе штета отколку корист. Освен тоа, може да биде искористено како поддршка за некого и од некого во изборите. По изборите има простор да се работи на тоа, да посредуваме околу нешто и да пристапиме пофокусирано. Но, јас откако сум дојден тука повторувам дека ова пред сѐ е одговорност на политичката класа во Северна Македонија да ја направи таа промена, но ако тоа го оставите премногу на политичко ниво ќе остане секогаш тешко за решавање. На луѓето им требаат технички решенија за да ги надминат овие контрадикции и тешкотии, односно тоа да стане технички процес што ќе понуди решенија.  

 

Што се случува конкретно на техничко ниво, откако испративме неколку документи во ЕУ?

Скринингот го поминавте со високи оценки и она што преостана сега е да ги дефинирате одредниците за отворање на преговорите. Тие треба да бидат прифатени од Северна Македонија  и од 27-те земји членки, а тој политички договор зависи многу од уставните измени. Кога зборувам за техничко олеснување значи како ние да ја олесниме технички македонската политичка криза за да ги направи промените што треба да ги направи.

 

Партијата што води во анкетите тука и која веројатно ќе победи на изборите, најавува дека ќе бара нова преговарачка рамка. Како го коментирате тоа? Поедноставно, што ќе се случи ако евентуална нова влада формирана од ВМРО-ДПМНЕ  не сака да ги оствари уставните измени?

Тоа се многу „ако“. Не знам бидејќи тоа не се случува.

 

Можно ли е сепак одново да се преговара за рамката за преговарање со ЕУ?

Претпоставувам, не. Вие веќе ја отворивте преговарачката рамка. Можам да претпоставам дека никогаш нема да најдете политички апетит во Европа да го направат тоа. Тоа е мој впечаток. Сега нема таква ситуација, имате избори и ќе видиме кој ќе победи и што ќе каже победникот по изборите.

 

Бевте на седница во Собранието и го почувствувавте скептизицмот што владее во Македонија, дека каков и да е услов да оствариме нема да станеме членка на ЕУ. И дека, и да ги оствариме уставните измени, нема гаранција дека ќе влеземе во ЕУ.

Да, нема гаранција дека Северна Македонија ќе стане членка само затоа што го сменила Уставот. Но, има гаранција дека ако го смени, ќе ги почне преговорите да стане членка. А, кога ќе го почнете процесот, кој не е толку едноставен, но веќе демонстриравте дека можете да направите значајни чекори во него, поради што ЕУ предложи да ни кажува дека Северна Македонија е подготвена за преговори за членство.  Тоа е процес во кој се зема и се дава и треба да се имплементираат промените. Ако тоа сакате да го кажете на ваков начин, да, тоа што ги почнувате преговорите не гарантира дека ќе дојдете до крајот. Посоодветно прашање е дали, ако го смените уставот, ние ќе ви поставиме нови услови за да почнете преговори и да има нови пречки што треба да ги надминете за да станете членка еден ден или ќе останеме со новата методологија и процесот што веќе е дефиниран. Тоа е вистинското прашање.

 

Дали го видовте Акцискиот план за билатералните преговори со Бугарија што го испративме во ЕУ?

Не сум го видел, но зборував многу со луѓето што го знаат планот. Она што можам да кажам е дека сегашната влада во Бугарија има став да ги направи односите со Македонија помалку комплицирани. Неделава претседателот Румен Радев го покани дипломатскиот кор и го спомна Западниот Балкан, при што повтори дека Бугарија го поддржува приклучувањето на регионот во ЕУ и кажа колку тоа е стратегиски интерес на Бугарија, исто така. Зборував и со министерката Марија Габриел, која навести дека не сакаат да имаат став што ќе ги направи покомплицирани односите, а тоа се препознава и во Скопје. Немам впечаток дека сега бараат едно, а утре ќе бараат друго.

 

Бидејќи сте амбасадор во двете земји гледате ли некакво подобрување во односите по прифаќањето на францускиот предлог?

Она што гледам е помалку драматизирање во двете земји. Секогаш кога има мал инцидент, тоа веќе не експлодира во пропорција која го прави потоа криза.

 

Дали овој спор ви прави проблем во работата како амбасадор во двете земји?

Не ми прави проблем, туку го прави моето работење поинтересно до извесен степен. Мислам дека сум во привилегирана позиција од аспект на тоа дека можам да ги видам ставовите на двете земји во исто време, како и реакциите. Но, тоа исто така, значи дека морам да бидам повнимателен што кажувам, зашто не смеам да бидам виден како „гласноговорник“ на Софија во Скопје или обратно, на Скопје во Софија. Затоа, како Белгиец и претседавач важно ми е да бидам чесен посредник, а тоа значи поентата не е да знам кој е во право а кој не е, туку како да направиме прогрес и на најдеме решение. 

 

Деновиве ќе стапи во сила одредбата од Преспанскиот договор со која ќе престанат да важат пасошите со старото име на државата. Како Белгија ќе ја имплементира таа промена, што ќе се случи со нашите граѓани во вашата држава кои ќе останат без валидни документи?

Не знаеме сѐ уште како Белгија ќе ја имплементира промената и како ќе ги третира вашите граѓани без валиден пасош, сѐ уште немаме конкретен одговор на тоа. Сепак, тоа е дел од одговорноста на претседателството на ЕУ. Ние ќе имаме состанок на почетокот неделавата што доаѓа на европско ниво. Има работна група во рамките на ЕУ која се справува со вакви прашања  и ќе работиме за да утврдиме заедничка позиција за земјите членки. Најлошо ќе биде ако се случи луѓе да поминуваат низ Унгарија и низ Србија, а Австрија да има друга позиција – тоа е нешто што сакаме да го избегнеме. Така што, во основа, да, ние мора да имаме повеќе јасност  идната недела околу ова прашање. 

Штета е што оваа ситуација не била предвидена или избегната однапред, но тоа е реалната ситуација со која се соочуваме сега. Ние сѐ уште ги согледуваме сите аспекти на ова прашање, вклучувајќи ја и законската  рамка.

 

Можна ли е некаква флексибилност во примената?

Не можам да го кажам тоа сега.

Во Македонија сѐ уште ја нема културата во која политичката игра не е да работите само за своите интереси, туку сте во политиката за да ѝ биде подобро на земјата, вели амбасадорот Мерис

 

Кои се вашите приоритети во Македонија како амбасадор на Белгија, не како претседава со ЕУ?

Приоритет ни е да ги интензивираме билатералните односи што ги имаме сега. Да го искористиме присуството на македонските граѓани што живеат во Белгија а кои сѐ уште имаат семејства тука, да ја искористиме таа основа како рамка за повеќе размени меѓу Северна Македонија и Белгија, да има повеќе доаѓања на глумци, спортски тимови овде и таму, да има повеќе контакти меѓу младите и да се запознаат подобро. Исто така, како универзитетите и високообразовните институции во двете земји да соработуваат повеќе и слично.

 

Сѐ уште е бесплатно образованието  во Белгија?

Да, до универзитет, а потоа треба да платите такса за регистрација која сепак е пониска од другите земји и изнесува околу 650 евра за една година. Затоа, студирањето во Белгија сега станува попопуларно, бидејќи една од големите промени е дека повеќе универзитети во земјата почнаа да нудат студии на англиски јазик. Ова е главно тоа што сакаме да го постигнеме, надевајќи се дека ако ги подигнеме односите на меѓучовечки тип на активности ќе придонесеме за зголемување на трговијата, инвестициите, партнерства и слично. Од неодамна белгиски и македонски бизнисмени отворија белгиско-македонски бизнис клуб, што е многу добар развој, бидејќи преку него можеме да ги промовираме и некогаш браниме напите  бизнис интереси. Тоа е добра алатка за белгиската амбасада, но и за вашите власти, бидејќи сега полесно можат да се организираат настани и да се прават размени. Така ќе имаме и повеќе белгиски политичари од висок профил во посета на Македонија и тие ќе ја запознаат подобро, бидејќи сега е само обратно, иако доаѓаат кај нас главно поради ЕУ.

 

Рековте дека белгиските компании во земјава имаат проблем да обезбедат работници. Се жалат ли на уште нешто? Може ли тоа да ги одврати од идните инвестирања?

Тоа е еден од елементите, но таков проблем  немаат само белгиските компании, туку и другите тука. На пример, знам дека луѓе од една многу важна компанија во земјава беа многу среќни во време на епидемијата со ковид бидејќи работниците не можеа да отпатуваат во Германија. Тоа се смени, и затоа клучно прашање е дали работните услови тука можат да станат подобри  за да помалку луѓе ја напуштаат Македонија, а некои и да се вратат. Тоа може да помогне. Исто така, дали ќе се овозможи пристап на вашиот пазар за работници од надвор. Кога зборував за инвестиции, го споменав производството на батерии за електрични автомобили тука, пред сѐ заради стратегиски причини кои не се поврзани со пристапот до работната сила, туку со локацијата, можностите за транспорт и слично. Затоа пристапот до работната сила е еден елемент од повеќето и тоа не е проблем само тука во Македонија. Белгиските компании во Бугарија се жалат за истото, а слично е и во Молдавија.

 

Се жалат ли за состојбата со инфраструктурата и транспортот?

Не, среќни се со пристапот до другите земји, со даноците што ги плаќаат во земјава, особено кога ќе ги споредите со тие во Белгија, а бидејќи работат главно за извоз, не за пазарот во Македонија, битно им е што административната законска регулатива за тоа не е многу комплицирана. Исто така, ја сакаат локацијата поради блискоста со Белгија и со Европа.

 

Белгија се гледа во Македонија како политички комплицирана држава. Македонија исто така е политички комплицирана. Сепак, вие сте функционална држава и една од најразвиените во Европа, а Македонија се соочува со многу проблеми. Која е формулата за успех?

Драго ми е што сметате дека Белгија е толку успешна земја и функционална. Да, функционална е до извесен степен бидејќи ние сме повеќе развиена земја, така што е полесно да функционираме во однос на земјите кои не се толку напреднати економски. Но, важно е исто така дека ние сме научени да правиме компромиси за системот да функционира. Ние знаеме дека тоа е неопходно и правило на денот е да не им го правиме тешко живеењето на другите. Но, како да се постигне напредок?  Мислам дека тука во Македонија сѐ уште ја нема таа култура во која политичката игра не е да работите само за своите интереси, туку сте во политиката за да ѝ биде подобро на земјата. На крајот на денот, за да биде така, треба да правите компромиси. Веројатно од тој аспект ние имаме подобра политичка култура од таа во Македонија. 

Исто така, ние имавме среќа да бидеме земја членка на ЕУ и откривме дека во неа можеме да ја најдеме нашата најголема сила, профити и бенефити. Нашата земја имаше многу силна индустриска база, но се соочуваше со многу мал пазар така што моравме да излеземе надвор, моравме да бидеме отворени, а ЕУ е токму тоа, слободен пазар, слободно движење на стоките, работниците  и капиталот и слично. За нас тоа е перфектно така што можеме да работиме во рамките на ЕУ за да постигнеме сопствен прогрес. Тоа е многу важно бидејќи тоа значи дека треба да се бориме помалку на национално ниво, бидејќи тоа што е важно за Белгија се решава на европско ниво, што е предност, бидејќи мала земја како Белгија може до извесен степен да ја надмине својата  тежина на европско ниво, бидејќи сме на истра страна со Франција, Германија и други големи земји кои на некој начин работат и во наша корист. Така што, тајната веројатно е правењето компромиси, но и во шансата да сте во ЕУ и да станете економски поразвиена држава.

 

Македонските политички партии се премногу поделени по етничките линии, нешто слично како во Белгија, па и повеќе. Мислите ли дека тоа е добро за земјата на долг рок или треба да се смени?

Подобро е за земјата да има политички партии што го преставуваат целиот спектар на општеството. Една ваша политичарка деновиве изјави дека ако сакаш да постигнеш нешто треба да бидеш над границите. Исто така, претседателот Стево  Пендаровски кога беше прашан дали Албанец треба да биде претседател на Македонија рече – да, но дека мора да може да ги преставува сите во земјата. Истото се однесува и на политичките партии. Дека сакате да одбраните нешто што е специфично за вашата етничка група можам да разберам, но дали е тоа добро за земјата? Во одреден  момент мора да имате политичка структура која ќе ги надмине етничките линии. Тоа е вистина не само за албанските политички партии, туку за сите. Во Белгија тоа беше многу присутно претходно кога сите важни политички партии беа преставени во сите региони на Белгија, но за жал тоа не е случај сега.

Амбасадорот Фредереик Мерис во Собранието

Сте слушнале ли досега политичари да бараат членство во ЕУ, а во исто време  да се толку критични за сѐ што правиме да станеме тоа, давајќи оценки дури и спротивни на тие на ЕК? Ако аплицирате за членство, дали одите и кажувате дека не ги исполнувате критериумите и не го заслужувате пред претседавач на Европската унија?

Не го сфаќам тоа така. Мислам дека тоа е и квалитет исто така, бидејќи значи дека луѓето бараат повеќе од себе и од другите луѓе. Всушност, слушајќи ги пратениците во вашиот парламент cе здобив со два впечатока. Првиот е дека многу прецизно посочија кои се конкретните проблеми со кои треба да се соочат и дека треба да се донесат извесен број  одлуки од самите нив. Но, чудно беше што немаше заклучоци да го постигнат тоа што треба да го постигнат. Имав добар впечаток од расправата, но и покрај тоа, не гледам нов прогрес.