Мери Попова од МТВ : Правилата за „Евровизија“ сите ги знаеја, нападите за избраната песна се неосновани

Гласовите на меѓународното жири кореспондираа и со мислењето на светските анкети поврзани за нашиот избор. Па оттаму, не гледам причина за сомнеж во нашата одлука


Националниот избор за песна за Евросонг 2022 во Торино и годинава ја подели јавноста откако во изедначена трка меѓу песната „Супермен“ на Виктор Апостоловски (кој имаше најмногу гласови од публиката) и „Circles“ на Андреа Коевска (која имаше најмногу гласови од жирито), во Торино ќе нѐ претставува Андреа, заради предноста на гласовите на стручното жири, според интерните правила на Македонската телевизија, носител на лиценцата за овој избор .

Мери Попова, уредник на културно-уметничката програма на МТВ1 и шефица на евровизиската делегација од 2012 (со два прекина) во разговор за „Независен“ вели дека никогаш не можете да го задоволите вкусот на целокупната јавност, но дека не е во ред да му нанесува штета на проектот со невистини и произволни коментари.

 

Зошто изборот на песна за Евросонг во Македонија секоја година се проблематизира – од учесници до песна?

Евросонг е интересен настан, кој секоја година предизвикува многу големо внимание во јавноста,  и не само во Македонија. Тоа се должи пред сѐ на атрактивноста на самиот проект, формат со „лесна музика“ (така беше нарекуван со децении на „Евровизија“), кој преку учество на јавните сервиси е наменет за забава за сите генерации. Но, сметам дека кај нас е особено под лупа од причина што и нема многу други атрактивни програми и сцени каде нашите пејачи и автори би се појавиле и би ги покажале своите квалитети. Тоа не е единствена, туку најпрофесионално изработена шоу програма во светот, сцена достапна како за познати, така и за анонимни европски музички имиња.

 

Како шеф на евровизиската делегација долги години, како се справувате со реакциите?

Мене ми е сосем јасно дека никогаш не можете да го задоволите вкусот на целокупната јавност. Практично невозможно. Но, она што не е во ред и му нанесува штета на проектот, а многу често е и личен напад кон самите претставници, е начинот на кој се пласираат невистини и произволни коментари, од страна на недоволно или сосема неупатени лица во проблематиката. Без каква било одговорност за пишаниот збор, независно дали станува збор за медиум, или обичен коментар на социјалните медиуми.

 

Годинава проблем испадна новиот модел за на избор на национален претставник за Евровизија, кој е всушност комбинација од неколку европски национални избори. Кои се всушност правилата, и дали варираат од година во година?

 ЕБУ како организатор на Евросонг воопшто не се меша во одлуката на јавните сервиси на кој начин ќе го изберат својот претставник. Тоа е оставено на јавните сервиси, сами да се организирааат, секој според своите можности и потреби. Искреиравме за нас, за прв пат, нов модел и правила по кои ќе се одвива целиот проект. Проблем воопшто не беа новиот модел и правилата! Напротив, тие беа особено пофалени од сите инволвирани во проектот, добивме дури и совет интернационалното жири да не биде од Балканот, туку од што подалеку, за да можеме да имаме увид како Европа гледа на нас. Сепак на крајот, на „Евровизија“, останатите европски земји гласаат за вас, а не граѓаните на Македонија за сопствената земја. Така и направивме.

Правилата беа јасни и објавени на веб-страната на МРТ како официјален документ на 10 декември 2021, кој всушност беше поврзан и со Конкурсот за прием на нови композиции. Покрај другото, во него се вели дека: оценката на 5-членото меѓународно стручно жири ќе оформи 50% од вкупните гласови, додека пак останатите 50% ќе ги добиеме по пат на онлајн гласање на домашната публика. Победник ќе биде оној изведувач и композиција која ќе има вкупно најмногу освоени поени и од жирито и од публиката. Во случај на изедначеност во вкупниот резултат, предност ќе имаат гласовите на стручното жири.

 

Зошто одлуката на жирито тежи повеќе од одлуката на публиката?

Поучени од навистина долгогодишни искуства на организирање евровизиски манифестации, натпревари, Скопски фестивал, кога бевме сведоци на масовно купување картички за телефонско гласање и обиди за организирано нерегуларно гласање, сфативме дека е многу лесно да се организира гласачкото тело, особено во мала земја како нашата. На крајот, се сведуваше на тоа – кој има повеќе и кој ќе се организира подобро. За жал, присетете се, најчесто тоа не беше мислењето на целокупната јавност, па повторно ние бевме виновни за крајниот исход. Оваа година одлучивме да ги поканиме главните луѓе за „Евровизија“ на Малта, Израел, Грузија, Исланд и Ерменија, двајца од нив се дури и членови на референтната група на ЕБУ, кои со целиот свој бекграунд кој го имаат зад себе, одговорно тврдам дека си ја извршија задачата на највисоко можно ниво! За тоа сум им многу благодарна. Всушност, нивните вкупни гласови кореспондираа и со мислењето на светските анкети поврзани за нашиот избор. Па оттаму, не гледам причина за сомнеж во нашата одлука.

Од друга страна, ангажирање интернационално жири, како неутрално тело, воопшто не е невообичаена пракса. Напротив, дури е пожелно да имате надворешен осврт, па многу од земјите учеснички тоа го практикуваат. И самата бев член во неколку ЕСЦ комисиии, па и на интернационално стручно жири 2018 на националниот избор на Малта .

 

Дали учесниците ги знаеле правилата уште кога биле избрани дека ќе се борат за евровизиски настап?

 Апсолутно да, до збор. Беа однапред запознаени со правилата, со потпишани согласности ги прифатија, ги имаа истите услови и стартни позиции за победа. Нечесно е што отпосле некој сака да прикаже во јавноста дека правилата, на кои самиот се согласил и ги потпишал, не се во ред.

 

Дали избраната песна на Андреа ќе се пее само на англиски јазик?

Сѐ уште не сме одлучиле, ниту ја знаеме македонската верзија на песната. Јас постојано велам дека различни композиции поинаку звучат на македонски, на англиски или на друг јазик. Во музиката не постојат такви рески граници. Сѐ зависи од самата песна. Засега, не можам да претпоставам како би звучела „Circles” на македонски. Но, ќе видиме.

 

Дали беше тешко да се изберат шест композиции од пристигнатите 47 на конкурсот на МРТ?

Можам да кажам дека генерално не постоеше преголема конкуренција, иако имаше уште неколку композиции кои заслужуваат внимание со дополнителни интервенции, но не се најдоа во шесте избрани поради строгите пропозиции. На конкурсот доминираа пред сѐ млади и талентирани автори и изведувачи кои сакаат промоција, а и „Евровизија“ им е предизвик во кариерата.