Мерц ја повика Европа да покаже сила пред Трамп
Германскиот конзервативен кандидат за канцелар, Фридрих Мерц се залага Европа да покаже сила и да заземе цврст став за време на вториот мандат на американскиот претседател Доналд Трамп.
– Тоа ќе остави впечаток во Америка, рече Мерц во ток-шоуто на Мајбрит Илнер на ЗДФ. Тој нагласи дека Европа мора да зборува во еден глас.
– Доналд Трамп не е импресиониран од слабост, само од сила, дури и од опозиција. На овој начин Европа би можела да се справи со новата влада во Вашингтон, рече тој.
Мерц се подготвува за главната политичка функција во Германија откако се распадна коалицијата на неговиот ривал, социјалдемократскиот канцелар Олаф Шолц. Мерц бара Шолц да повика на итно гласање за доверба на неговата сега веќе малцинска влада и предвремени избори. Шолц засега останува на својот став сека гласањето доверба ќе се одржи во јануари.
Лидерот на демохристијаните додаде дека Германија мора да направи повеќе за сопствената безбедност. Деловниот модел на евтин увоз, скап извоз и дозволување САД да плаќаат за безбедноста „сега е завршен“, рече Мерц. Но, тој рече дека „тоа не е толку драматично“.
– Треба да се приспособиме на тоа, да управуваме со него и да ги преземеме неопходните последици, додаде Мерц.
Инаку, по распадот на германската владејачка коалиција на социјалдемократи, либерали и зелени, американскиот милијардер Илон Маск го нарече германскиот канцелар Олаф Шолц „будала“. Маск на неговата мрежа Х напиша „Олаф е будала“ (Olaf ist ein Narr).
Маск беше голем приврзаник на републиканецот Доналд Трамп во кампањата за негово враќање во Белата куќа.Тој донираше над сто милиони долари во неговата кампања,а неговите политички ставови во последните годиони станаа уште подесничарски. Се очекува да добие политичка позиција и во администрацијата на Трамп, така што ваквите изјави сега имаат тежина и на најава за официјална политика, т.е. однос кон европските лидери.