Менувањето концепти во образованието осакатува цели генерации

Концепцијата за основно образование, воведена од 2021 година, ќе биде заменета со нова, без да се знае дали ги дала очекуваните резултати


Промена по промена во образованието, без некој заеднички усогласен правец (Фото: Б. Богдановска)

 

Учениците од прво и четврто одделение од 2021 година почнаа да учат по новата Концепција за основно образование, која беше усвоена во март истата година, по повеќе месеци дебати и реакции. Во меѓувреме, концепцијата ги опфати сите ученици до шесто одделение, а само три години подоцна, без евалуација на постигнатите резултати се најавува нова образовна концепција за основното образование и се укинува нејзино воведување за седмо, осмо и деветто одделение.

„Знаете ли што содржи новиот учебник по математика за шесто одделение? Речиси сѐ што постои во математиката! А потоа, кога ќе дојдат во седмо одделение треба повторно да работам со нив… по кој концепт, според ‘кембриџ’“?, реагира наставничка по математика од едно основно училиште во Општина Центар во Скопје.

Фото: Б. Богдановска

Честото менување на концепциите осакатува цели генерации, сметаа таа, а со новите промени кои ги најавува министерката за образование, најмалку една генерација ученици ќе биде „уништена“, вели наставничката за „Независен“.

Наставниците кои ги контактиравме не се запознати со промените кои се најавуваат, освен од кусите изјави на министерката што ги слушнале на телевизија, но мислат дека образованието треба да се менува со подобрување на некои од пропустите во претходните концепции, а не со почнување од почеток.

„Во изучувањето на македонскиот јазик се прави огромна ‘дупка’ во знаењето на децата затоа што во шесто одделение нема лекции кои ќе ги научат за потеклото на јазикот, а подоцна во погорните одделенија се чудат“, вели наставничка по македонски јазик во основно училиште во скопската општина Аеродром. Граматиката е таа, нема некои битни промени во неа, но да се немаат основни познавања за потеклото на јазикот, подоцна тешко се надоместува, вели таа.

За учениците пак, најтешко оди совладувањето на општествените поими како непотизам, корупција, емпатија, мито…

„Сега сум петто одделение, но лани по општество учевме многу тешки зборови: непотизам, емпатија… и дефиниции за нив, што беа многу тешки за запамтување. А и не ги разбрав до крај што значат. Со наставничката разговаравме на часовите, но во тестот мораше да ги пишеме точните дефиниции“, вели Сара К. ученичка во петто одделение од Скопје, која додава дека нејзиниот постар брат, кој завршува средно образование, не можел да ѝ помогне, затоа што тој тоа никогаш не го учел тоа во училиште.

Родителите сметаат дека учениците на рана возраст се сретнуваат со многу непознати работи, а дека лекциите се обременети со премногу податоци кои во историја и општество опфаќаат многу големи периоди. Велат дека и математиката не е иста како онаа што тие ја учеле, како ни начинот на кој се бара да се реши некоја задача.

„Никако не можам да сфатам зошто за множества се учи дури во шесто одделение, а до тогаш материјалот постојано се повторува, со мали проширувања. Исто така, се бара од децата да цртаат геометрија, а тие едвај држат линијар во раката“, вели Стојан Д., татко на ученици во второ и во шесто одделение.

Концепцијата уште недововедена, ќе се менува

Во претходните години, Концепијата беше воведена за сите одделенија од прво до шесто, а годинава требаше да почне имплементацијата за седмо, осмо и деветто одделение, но властите одлучија да не ја воведуваат и најавија нов концепт.

Министерство за образование (Фото: Б. Грданоски)

„Нови наставни програми, учебници за седмо, осмо, деветто одделение, и потоа навраќање на претходните одделенија. Нови наставни програми, учебници во средно гимназиско образование, во средното стручно останува проширувањето на концепотот на дуално образовение“, најави министерката за образование Весна Јаневска на конференцијата на тема „Осигурување на одржливост на реформите за подобрување на образовниот систем“.

Сепак, податоците за успешноста на досегашната Концепција воведена во 2021 година, изостануваат. Во моментот се прави ревизија, а евалуација во бројки нема.

„Ревизијата на Концепцијата за основното образование е процес кој е започнат и во него учествуваат сите засегнати страни, а најважно е што се вклучени наставниците, односно оние кои, за жал, претходно не биле консултирани и вклучени во креирањето на документот. Инаку, на овој процес претходеше одлуката за одложување на имплементацијата на Концепцијата за основно образование во седмо, осмо и деветто одделение. Причина за тоа се реакциите на наставниците кои во последните две години се соочуваа со бројни предизвици околу начинот на предавање на интегрираните предмети – историја и општество, природни науки и така натаму. Согласно укажувањата, тие никогаш не добиле насоки за тоа како да предаваат, да спроведуваат тестови, да оценуваат и така натаму. Нивните издржани сугестии ќе бидат дел од новите наставни програми што ќе ги подготви Бирото за развој на образованието и етапно ќе се воведуваат од следната учебна година и во наредните две потоа“, одговорија од Министерството за образование на прашањето на „Независен“ врз основа на кои податоци се најавува и се подготвува нова образовна концепција за основно образование.

Но, фактите се малку поинакви од овие тврдења. За спроведување на новата Концепција пред почетокот на учебната 2021/2022 година, околу 3.000 наставници за прво и трето одделение поминале две физички и една онлајн обука во траење од по два дена, информираа од Бирото за развој на образованието.

Што предвидува актуелната Концепција?

Учениците во училиште ќе поминуваат од 5 до 6 часа, а наставата ќе биде приспособена на потребите и можностите, беше најавено пред четири години, а тоа е една од ретките воведени промени што ќе останат и во новонајавената концепција.

„Секако, тоа што е добро од постојната концепција, задржано е и продолжува да се имплементира. На пример, подолг престој на учениците во училиште, воведувањето на повеќе изборни предмети согласно афинитетите и интересите на учениците и слично“, одговорија од МОН на прашањето од „Независен“, што предвидува новата концепција.

Се воведоа осум односно девет задолжителни предмети во зависност од јазикот на кој се следи наставата, бидејќи од четврто одделение нагоре е предвиден и македонски јазик како задолжителен предмет, за учениците кои дотогаш следеле настава на мајчин јазик. Задолжителните предмети се поделени во две групи – пет предмети: мајчин јазик (македонски, албански, турски, српски, босански), математика, природни науки, општествени науки и англиски јазик,во сите одделенија, од прво до деветто и три предмети: уметничко образование (музичко и ликовно), физичко образование и предмет чиј работен назив е техничко-технолошко-информатичко образование (со содржини за техниката и информациката технологија, зависно од возраста на учениците).

 

Се споија природните науки како биологија, хемија, физика и физичка географија и општествените науки: историја, општествена географија, граѓанско образование, религија, етика.

Воведени беа и две листи на избори предмети: едната со втор странски јазик за децата, кои ќе може да избираат меѓу германски, италијански, француски и руски, како и албански јазик, за учениците кои живеат во доминантно албанска средина и втората листа на слободни изборни предмети како математичко-логично резонирање, историја на културите, програмирање, сликање, фотографија, драма, танцување, готвење, градинарство, образование за животни вештини, мултикултурни вештини или спортско-рекреативни.

Новиот концепт бараше и нови учебници

Новиот концепт на образование најпрво беше замислен да се спроведува преку засилена и забрзана дигитализација, но под притисок на јавноста, се изработија и се испечатија нови учебници по речиси сите предмети (проблематичен беше учебникот по историја и општество и учебниците по странски јазици, кои до ден денеска ги нема).

Фото: Б. Грданоски

Учебниците недостасуваа секој 1 септември. Односно, беа делени на учениците од прво одделение уште на првиот училиштен час, но за другите се чекаше од неколку дена до неколку месеци. Дополнителен проблем се појави кога во дел од учебниците беа забележани огромни грешки, па можеше да се прочита дека највисокиот планински врв Монт Еверест е висок околу 29.000 метри, Бугарија се наоѓа на запад, а Албанија на исток од нашата земја и слични грешки, што доведе до повлекување на учебникот по историја и општество за шесто одделение.

Сите нови учебници, најпрво беа поставени на дигитална платформа од каде учениците можеа да ги преземат, затоа што се протежираше дигитализација на образованието, но бидејќи не беа интерактивни и не нудеа ништо повеќе од печатените, ниту наставниците не укажуваа на нив, освен на почетокот на годината, учениците не видоа нешто интересно освен дополнително седење пред екран, место над книга.

Пред крајот на минатата година пак, дополнително беа изработени инетерактивни учебници за четврто, петто и шесто одделение. Тоа се истите учебници кои веќе ги има во печатена верзија, но и како ПДФ формат на е-учебници, но сега се збогатени со дополнителни прашалници, квизови, работни и наставни листови, видеа, фотографии.

Во една лекција поместени се дури 12 дигитални алатки, обележани со посебна иконка, па учениците ќе можат да ги користат да појаснат некои работи или да си го проверат знаењето. Исто така, со еден клик, целата содржина на учебникот може да се прилагоди за деца кои се дислексичари.

Алатката се наоѓа на nastava.mk, каде може да се регистрираат учениците, наставниците и родителите, кои може да имаат увид во работата на ученикот. Оваа нова алатка, помага и во одржувањето на наставата, да се држи вниманието на учениците, особено ако училницата е опремена со паметна табла или пак ученикот пред себе има таблет. Алатката е достапна на пет јазици, македонски, албански, турски, српски и босански.

Дел од наставниците поминаа обука каде им биле претставени можностите на новите дигитални учебници, односно 12 пилот-училишта, а другите требаше да бидат запознати во следниот период, односно во второто полугодие.

Ниту употребата на овие учебници не заживеа.

Слаби резултати на меѓународните тестирања

Македонија во математичка писменост од 58 држави е на 45 место, а во природни наука сме подолу рангирани односно од 58 држави учеснички Македонија е на 51 место. Ова го покажаа резултати од меѓународното ТИМСС тестирање спроведено во 2019 година.

Во математичка писменост најдобри постигања на тестирањата има Сингапур, па Хонгконг, Кина, Јапонија… Во однос на земјите од опкружувањето нашите ученици се подобри во математика од учениците од Косово, Црна Гора и Босна и Херцеговина.

Резултатите од тестирањето спроведено лани ќе бидат објавени во декември 2024 година.

Овие резултати се единствените кои ќе покажат колкава била успешноста на актуелната Концепција.

ТИМСС (Trends in International Mathematics and Science Study) е меѓународна студија која ги мери трендовите во знаењата и способностите на учениците по математика и по природната група предмети (физика, хемија, биологија и географија) во IV и во VIII одделение. Република Северна Македонија досега има учествувано во четири циклуси на мерење со популација од осмо одделение: ТИМСС 1999, ТИМСС 2003, ТИМСС 2011, ТИМСС 2023 и еден циклус на мерење ТИМСС 2019 со популација од IV одделение.

 

Со овој текст, Независен весник се приклучува на иницијативата за зголемена транспарентност на институциите што Институтот за комуникациски студии ја спроведува во соработка со медиумите во рамките на проектот „Користи факти“, кој е поддржан од Британската амбасада.