Менуваат име за да крадат – потврдено!


АЛЕКСАНДАР НИКОЛОСКИ

Разврската на настаните околу случајот на рекетирање на македонски бизнисмени и злоупотреба на Специјалното обвинителство во спрега со партијата СДСМ и Зоран Заев не е ни во првата фаза. Јавноста со право очекува многу одговори и брза истрага. Власта и Заев со цел да се спасат одолговлекуваат и ќе направат сè да поминат со што помалку штета, но вистината ќе излезе на виделина.

Она што ќе излезе, а сакам со вас да го споделам, е дека не еден, туку многу македонски бизнисмени се рекетирани, а вкупната сума на побарани средства и добиени надминува 20 милиони евра. Тоа била една детална операција сработена од врвот на СДСМ во која овие што сега се обвинуваат, како и специјалната обвинителка, се само дел од извршителите. „Проектот“ бил долго и систематски подготвуван и имал за цел сериозна имотна корист за врвот на СДСМ преку злоупотреба на правосудниот систем. Во овој момент голем дел од бизнисмените се под директна закана на власта на Заев и се плашат јавно да проговорат. Исто така, се плашат да говорат и пред обвинителството кое ја води истрагата, но со промената на власта и ослободување од стегите и притисоците ќе проговорат и овие луѓе за тоа со што се соочиле да ги изгубат слободата, бизнисите и семејствата.

Логичното прашање е од каде толкава храброст на Заев и екипата ова да го прават. Одговорот се сведува на нашите многубројни написи и јавни настапи уште минатата година на кој им дадовме работен наслов – „Менуваат име за да крадат“. Основата на оваа теза е дека власта на Заев мислеше дека доволно е само да го смени името на државата по грчки диктат и како благодарност за тоа ќе им биде дозволено дома да прават што сакаат. Меѓународната заедница ќе го премолчува тоа, а домашната јавност ќе биде принудена да не реагира заради целосната контрола која би се поставила врз судството, како и на медиумите. Дури во разни кулоари се споменуваше дека Заев и СДСМ ќе владеат долго како Мило Ѓукановиќ во Црна Гора. Иако примерот им беше крајно несоодветен од причина што власта таму се базира, пред сè, на одличните економски перформанси на Црна Гора во која, ќе признаете, се живее најдобро од сите шест југословенски републики по распадот на претходната држава.

Другиот дел од тезата – дека меѓународната заедница ќе дозволи да се краде во Македонија само затоа што Заев и Димитров потпишаа договор каков што потпишаа, е неодржлива и од причина што темел на сите држави кои се дел од западната цивилизација е владеењето на правото во кое нема место за корупција. И затоа кога почна ова „бахато“ однесување на власта, беше прашање на ден кога бродот со криминал од невидени размери ќе се удри во санта мраз.

Наместо да извлечат поука од ова и да поднесат оставки како би овозможиле непристрасна и ослободена од притисоци истрага тие сега почнуваат да ги делат европските медиуми на десни и леви блиски со еден или друг политичар. Безобразно! Она што треба да го знаат и Заев и останатите е дека има идеолошки разлики во Европа, дека има и различни уредувачки политики, но околу владеење на правото има консензус на целиот политички спектар, како и за борбата против корупција. Нека не се надева никој од СДСМ дека кој било од европската левица ќе излезе и ќе каже – СДСМ е наша сестринска партија и затоа може во Македонија да прават што сакаат. Тоа нема да се случи.

Впрочем, последните реакции токму тоа го покажуваат.

Она што исто така загрижува е кон каде ќе се движи работата. Чувство за одговорност одамна не постои. Заев по кулоари најавува дека ќе се одмаздува. Веројатно делумно и може, целата власт е во него. Но тоа ќе му донесе дополнителни проблеми. Ако сака мирно да замине од политиката, најдобро му е да поднесе оставка и да повика на брзи предвремени избори. Тоа ќе ја ослободи истрагата од притисок и ќе овозможи решавање на овој случај. Сè различно од ова ќе е пропаст за цела држава, тешко измачување, кое пак ќе заврши со промена на оваа власт, но во меѓувреме толку ќе го урне имиџот на државата што ќе требаат години да се поправи.

Исто така, чесно е да се одговори пред јавноста во колку други криминални активности влегла оваа власт и кој сè е замешан. Одговорите јавноста ќе ги дознае порано или подоцна. Последиците за инволвираните нема да се исти ако сами признаат или ако се процесираат, но повторувам имиџот на државата неповратно ќе се загуби.

И затоа смешни се обидите сето ова да се претстави како удар врз НАТО и ЕУ интеграциите, па се коваат теории за светски заговори против Македонија. Теории на заговори нема, ниту е некој против членство во ЕУ и НАТО. Напротив, затоа што сме за членство реагираме. Основа на тие алијанси е владеење на правото. Основа е борба против корупција. И затоа е смешно да се излегува со тие тези. Којзнае, можеби комичарите кои се преправаа дека се Јенс Столтенберг му ги кажале на Заев…

Следува интересен период кој многу ќе зависи од односот на Заев и СДСМ. Колку побрзо повикаат на избори толку подобро и за нив и за имиџот на државата. Ако не го сторат тоа, народот на улица ќе ги определи датумот за избори, а дотогаш уште многу скандали и корупција на актуелната власт ќе види македонската јавност.