Менаџирање со човечките ресурси: Не треба да се исполнат само законските обврски кон работниците, туку да им се дадат и бенефиции


„Како лидерството може да го поддржи организациското здравје“, е темата на Меѓународната MHRA конференција што по 17. пат денеска и утре се одржува во Скопје. Во дискусиите учесниците ќе се обидат да дадат одговор и на прашањето дали лидерството во 2025 година претставува лек или проблем за работните организации.

Преку експертски предавања, реални студии на случај и интерактивни работилници, на 17. меѓународна MHRA конференција ќе се отворат теми како улогата на лидерството во менталното здравје и добросостојба на вработените, како лидерските стилови влијаат врз културата и отпорноста на организациите, што значи здраво лидерство во ера на трансформација.

-Како асоцијација повеќе од 15 години континуирано работиме на унапредување на HR професијата кај нас, како и на унапредување на HR политиките кои се спроведуваат во компаниите со цел да имаме здрави организации со задоволни вработени кои пак ќе придонесуваат кон подобри бизнис резултати. Земајќи ги предвид значајните промени и предизвици со кои се соочуваме на пазарот на труд, улогата на лидерството во градење на организациското здравје, некако природно се наметна како тема за овогодишното 17. издание на меѓународната MHRA конференција, велат од Македонската асоцијација на човечки ресурси.

Претседателот на оваа Асоцијација Дарко Петровски вели дека во ова време особен предизвик е лидерството во работните организации имајќи ги предвид предивиците со кои се соочуваме и светот во кој живееме.

-Се соочуваме со геополитичка нестабилност, војни, конфликти кои ги реобликуваат границите, нарушувања на трговијата. Се соочуваме со економска несигурност, инфлација, фрагилен синџир на снабдување и непредвидлив пазар на енергенси. Се соочуваме со општествени промени, повеќе генерации кои го делат работното место и кои имаат различни очекувања од лидерството, работата и животот, рече тој.

Според него, голем предизвик за менаџирање со човеќките ресурси е и развојот на технологијата.

-Вештачката интелегенција направи експлозија во секое ќоше на нашиот живот. Таа го реиспишува она што мислевме дека само луѓето го можат, креирање, дијагностицирање … Вештачката интелегенција носи извонредни верувања, но исто така и такви ризици, вели Петровски.

Според него, лидерството во 2025 не е бизнис како вообичаено, туку е под постојан притисок во бура на глобална нестабилност и технолошки акцелерација.

Дарко Велков, генерален менаџер на Vrabotuvanje.com смета дека за развој на една компанија треба да има добро менаџирање со човечките ресурси, односно обезбедување многу повеќе од тоа што е законска обврска за работниците, односно давање вистински бенефиции.

-Законската обврска е законска обврска, но бенефициите со кои раполагаме се нашите шаховски потези. Затоа треба да се размислува како да го подобриме квалитетот во нашите компании. Што значи тоа? Многу компании за жал се уште ги преставуваат законските обрски како нешто дополнително на пример редовна плата, платен одмор, регрес, надомест за прекувремена работа… Тоа се работи кои не треба да ги дискутираме ви 21 век. Тие не се подароци, не се бонуси. Тоа се основни права што секој работодавач мора да ги обезбеди. Секоја компанија која сака да биде лидер мора јасно да каже ова е минумим кој ви следува и секогаш ќе биде обезбеден, рече Велков.

Лидерството, вели, не се препознава во исполнување на минимумот, туку во тоа што се прави над оваа линија, и оти тоа е вистинската додаде вредност, вистинските бенефиции. 

Според него, за тоа каква е состојбата во македонските компании покажуваат резултати од едно истражување според кое 70 проценти од вработените никогаш нема да ги пофалат своите работодавачи. Тоа, вели, значи колку лидерството треба да работи на човечките ресурси во команијата.