МЕМО од април почнува со издавање Гаранции за потекло на електрична енергија

Националниот оператор на пазар на електрична енергија – МЕМО ДООЕЛ Скопје од април ќе почне со издавање на Гаранции за потекло на електрична енергија, што претставува значаен чекор кој го поставува темелот за зголемена транспарентност и доверба на енергетскиот пазар во нашата земја, беше посочено на денешната јавна расправа за правилата за администрирање на Гаранциите за потекло на електрична енергија (Guarantees of Origin – GOs), организирана од МЕМО со поддршка на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини.
МЕМО, како што информираа оттаму, e одговорен за воспоставување и управување со Регистарот на гаранции за потекло, вклучувајќи нивно издавање, евидентирање на пренос, признавање, укинување или поништување. Јавната расправа ги обедини претставниците на клучните чинители во енергетскиот сектор, приватните компании и стопанските комори, со цел да се обезбеди широка стручна дискусија.
Mинистерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска потенцирала дека Гаранцијата за потекло е електронски документ кој им овозможува на потрошувачите јасен доказ дека одреден удел или количина од електричната енергија што ја користат е произведена од обновливи извори.
– Гаранциите за потекло се етаблирани како еден од главните механизми во Европската Унија за следење и потврдување на потеклото на електричната енергија. Тие не само што промовираат еколошка одговорност и одржлив развој, туку исто така ја зајакнуваат транспарентноста и довербата меѓу потрошувачите и производителите на енергија, истакнала Божиновска.
Управителот на МЕМО, Зоран Ѓорѓиевски нагласила дека МЕМО активно работи на имплементација на системот за Гаранции за потекло во соработка со Grexel – водечка европска компанија во оваа област.
– Нашиот стручен тим, заедно со експертите од Grexel, посветено работи на целосна реализација на процесите за издавање и трансфер на Гаранциите за потекло. Очекуваме тие да бидат финализирани и од април веќе да започнеме со нивно официјално издавање. Ова претставува само прв чекор во процесот кон полноправно членство на МЕМО во AIB и издавање на Гаранции на потекло кои ќе бидат признаени во ЕУ, што е особено значајно за домашните компании кои вршат извоз на европскиот пазар, овозможувајќи им полесен пристап до потрошувачите кои бараат потврдени извори на обновлива енергија, нагласил Ѓорѓиевски.
Раководителот на оддел за обновливи извори на енергија и организиран пазар на електрична енергија во МЕМО Митко Огненоскии ги презентирал „Правилата за администрирање на гаранциите за потекло на електрична енергија“, донесени од МЕМО во согласност со Законот за енергетика, Уредбата за гаранции за потекло и стандардите на Асоцијацијата на тела – издавачи на гаранции за потекло (AIB).
– Овие правила се усогласени и со принципите на Европскиот систем за енергетски сертификати (EECS), што дополнително гарантира нивна прифатливост на европскиот пазар. Со овие правила за администрирање на гаранциите на потекло се уредува начинот на регистрација на корисникот во регистарот на гаранции за потекло, техничките правила за издавање, пренесување и укинување на гаранциите за потекло, објавувањето на податоци од јавен карактер, како и правата и обврските на корисниците на Регистарот. Гаранции на потекло се издаваат само за електроцентрали што произведуваат електрична енергија од oбновливи извoри на енергија запишани во Регистарот на електроцентрали за производство на електрична енергија од обновливи извори, кој го води Министерството, кои произведуваат електрична енергија на територија на Македонија, истакнал Огненоски во презентацијата.
Во изминатиот период, МЕМО, со поддршка на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, стана член-набљудувач на Асоцијацијата на издавачки тела (Association of Issuing Bodies – AIB). Оваа водечка европска асоцијација е посветена на обезбедување поголема транспарентност преку стандардизација на гаранциите за потекло, што ќе придонесе за понатамошна интеграција на македонскиот енергетски пазар во европскиот систем.