Мелони: Легалната миграција нема да ја реши европската демографска криза


Извесна легална миграција може да придонесе за европските економии, но миграцијата не е решение за демографската криза на континентот, изјави во Будимпешта италијанскиот премиер Џорџа Мелони.

Таа зборуваше на демографскиот самит во Будимпешта, чиј домаќин беше унгарскиот десничарски националистички премиер Виктор Орбан, долгогодишен политички пријател на Мелони, пренесува Ројтерс.

„Мислам дека квотата за легална миграција може да даде позитивен придонес за нашата економија, но останувам убеден дека би било поодговорно да им довериме на европските граѓани да најдат решение за европската социјална криза“, рече Џорџа Мелони.

Коалицијата на Џорџе Мелони, која дојде на власт минатата година, се залага за националистичка агенда која вклучува остар пристап кон миграцијата, ветува дека ќе ја зголеми рекордната ниска стапка на наталитет во Италија и ќе ги заостри регулативите против родителството на ЛГБТ и употребата на странски зборови во официјалните документи.

„Живееме во ера во која се што не дефинира е на удар“, рече Мелониева, додавајќи дека одбраната на традиционалниот модел на семејство и Бог е дел од „големата борба“ за заштита на човештвото и правата на луѓето.