Мелони го обвини Борел дека работи против постигнување решение за мигрантите во Европа
Италијанската премиерка Џорџа Мелони денеска на седница на владата ги обвини шефот на европската дипломатија Јосеп Борел и партиите на левицата во Италија и остатокот од Европа дека работат против постигнување решение за запирање на приливот на огромен број мигранти на европскиот континент, изјавија извори за АНСА.
Изворите соопштуваат за АНСА дека Мелони го обвинила Борел за писмото што наводно го испратил на 7 септември до комесарот за проширување на ЕУ, Оливер Вархеи, во кое го критикува усвојувањето на меморандум за разбирање со Тунис, што предвидува соработка во запирање на протокот на мигранти од северноафриканската земја.
Мелони одигра клучна улога во постигнувањето на овој договор, потсетува АНСА.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен и италијанската премиерка, викендов, за време на нивната посета на Лампедуза, ги повикаа земјите-членки на ЕУ да и помогнат на Италија во мигрантската криза низ која моментално минува.
Францускиот претседател Емануел Макрон се заложи за европска солидарност со Италија.
На италијанскиот остров Лампедуза минатата недела пристигнаа дури 11.600 мигранти.
Италијанската влада кон крајот на март воведе вонредна состојба на шест месеци поради големиот прилив на мигранти. Според податоците на италијанското МВР, од почетокот на оваа година до март во Италија пристигнале околу 31.300 мигранти, што е значително зголемување во однос на околу 7.900 мигранти во истиот период лани.