Мелони единствена ќе ја следи инагурацијата на Трамп во Капитол
Џорџа Мелони е единствената европска премиерка која денеска во живо во Вашингтон ќе ја следи церемонијата на инаугурација на новиот американски претседател. Таа отпатува во САД со тројца пратеници од нејзината партија, но без ниту еден друг член од нејзиниот кабинет. Ова е потег што ја нагласува блиската врска на шефот на владата на Рим со Доналд Трамп, како и со милијардерот, а сега политичар Илон Маск.
Можно е дури и пред да се врати во Рим да најде можност со Маск да разговара за целиот случај на можната соработка на Италија со неговата компанија Старлинк, која е активна на полето на сателитски телекомуникации.Како што е познато, станува збор за петгодишен предлог за соработка со италијанската држава, со вкупна вредност од 1,5 милијарди евра. Опозициските партии во Рим го изразија своето противење и побараа да бидат детално информирани од владините претставници. Сепак, сè укажува дека на крајот ќе се потпише конкретниот договор. Ако ништо друго бидејќи, како што Мелони постојано тврдеше, „во Европа немаме слична технологија“.
А во однос на Европа, италијанските медиуми нагласуваат дека додека Италија денес е претставена во Капитол на највисоко ниво, претседателката на Комисијата, Урсула фон дер Лајен, не добила ниту покана да присуствува.Според италијанските коментатори, од кругови во Брисел е објавено дека ваквиот став на лидерот на „Браќата на Италија“ и премиерот на земјата не се смета за најсоодветен, бидејќи го поткопува во ваква критична фаза обидот да се одржи унифициран став на најголемите земји-членки на Унијата.
Но, Џорџа Мелони избра да го нагласи својот близок личен и политички однос со новиот ултра-конзервативен окупатор на Белата куќа. Барајќи, како што се покажува, нејзината земја да ја претвори во најблизок соговорник на САД, што се однесува до целиот стар континент. Уште поблиску од Велика Британија, со која, според традицијата, секој нов американски претседател го остварува првиот контакт на меѓународно ниво по преземањето на функцијата.
Трамп потврдува дека не е заинтересиран за еднаков дијалог со ЕУ како целина, туку за индивидуалните односи, кои покажуваат дека можат да бидат уште поплодни, бидејќи владите на неговите соговорници посилно се идентификуваат со идеолошка неговата стигма.
Не случајно италијанскиот премиер веќе отиде, пред две недели, на Флорида, на приватна средба со новоизбраниот претседател во неговата летна резиденција во Мар-а-Лаго. Трамп ја пофали Мелони, подвлекувајќи дека „таа е одлична жена“, но меѓу нејзините позитивни карактеристики го вбројува и фактот што „патувала толку многу часови за да го запознае“ и како „му покажала голема почит“.
Опозицијата од левиот центар во Рим бара да не се усвојува едностран однос со Вашингтон, бидејќи, како што тврди, ниту една земја од ЕУ не е способна да постигне значајни и корисни договори со новата администрација на Трамп. Сепак, Џорџа Мелони, со својот став, очигледно се надева дека ќе ја зајакне улогата на Италија во рамките на Европската унија, благодарение на „пријателскиот и непротоколарен дијалог“ со бизнисменот и новиот претседател на САД.
Но, тоа е облог кој се карактеризира со висок процент на ризик. Затоа што Италија можеби е – барем во оваа фаза – политички најстабилната голема земја во ЕУ. Сепак, нејзиниот јавен долг продолжува да биде на алармантно високо ниво (137% од БДП) и очигледната промена на курсот, со секое преиспитување на неопходната соработка на сите земји-членки со Брисел, може да доведе до непредвиден опасни патеки.
Инаугурацијата е закажана за денеска на пладне, според часовната зона во којашто се наоѓа Вашингтон. Поради студентото време, претседателската заклетва Трамп ќе ја положи во ротондата на американскиот Капитол, за прв пат од 1985 година. Ротонда може да собере само околу 600 луѓе, што значи дека многу ВИП личности нема да можат да присуствуваат на оваа церемонија.
Од 1981 година, инаугурацијата се одржува на Западниот фронт на Капитол, каде што е изградена платформа за таа пригода која може да прими повеќе од 1600 луѓе. Оние кои се присутни обично ги вклучуваат претседателот и потпретседателот во заминување и нивните семејства, новоизбраниот претседател и новоизбраниот потпретседател и нивните семејства, поранешни претседатели и нивните сопружници, членови и номинирани во кабинетот, 535 членови на Конгресот, деветте членови на Врховниот суд, странски амбасадори, началникот на Генералштабот, гувернери и други гости, вклучувајќи советници и блиски пријатели на идниот претседател, како и големи донатори и познати личности.
Како политички аутсајдер, идниот претседател на САД Доналд Трамп често ги избегнуваше дипломатските норми. Затоа и не е изненадување што неговата инаугурација ја крши традицијата.Трамп е првиот новоизбран претседател по повеќе од еден век кој покани странски лидери на церемонијата на полагање заклетва, јавуваат американските медиуми. Историски гледано, на настанот присуствуваа странски дипломати и амбасадори.
Други ВИП гости поканети на инаугурацијата ги вклучуваат најголемите имиња во американската технолошка индустрија, вклучувајќи го сопственикот на X и Тесла, Илон Маск, основачот на Мета, Марк Цукербург и основачот на Амазон, Џеф Безос. И извршните директори на Епл, OpenAI, Убер и ТикТок, наводно, добиле покани.
Некои од овие компании донираа во фондот за инаугурација на Трамп, кој собра повеќе од 170 милиони долари, што е рекорд.
„Силиконската долина“, центарот на американската технологија, одговори на изненадувачката победа на Трамп во 2016 година со претпазливост. Маск, еден од најголемите донатори на Трамп во изборната кампања во 2024 година, ја поддржа својата противкандидатка Хилари Клинтон таа година.