Мексико во пламен по убиството на нарко-босот Ел Менчо. Туристите бегаат
Немесио Осегуера Сервантес, попознат како Ел Менчо, најбараниот човек во Мексико и водач на озлогласениот нарко-картел „Нова генерација Халиско“ (CJNG), е убиен за време на безбедносна операција. Министерот за одбрана на Мексико потврди дека Ел Менчо починал вчера од сериозни повреди здобиени во судирите со војската додека бил транспортиран со авион во главниот град Мексико Сити, објавува Би-Би-Си.

Детали за операцијата и насилниот одговор на картелот
Четири членови на картелот беа убиени, а тројца војници беа ранети во судирите во градот Тапалпа, во централно-западната држава Халиско. Операцијата беше спроведена со разузнавачка помош од САД. Како одговор на убиството на својот водач, CJNG започна бран насилство во осум мексикански држави, палејќи автомобили, поставувајќи блокади на патиштата и напаѓајќи ги безбедносните сили.

Американскиот Стејт департмент издаде безбедносно предупредување за американските граѓани, советувајќи ги да останат во затворен простор во државите Халиско и Тамаулипас и во делови од Мичоакан, Гереро и Нуево Леон. Мексиканската претседателка Клаудија Шајнбаум Пардо го повика населението да остане смирено. „Во поголемиот дел од земјата, активностите се одвиваат нормално“, рече таа преку социјалната мрежа Икс

Кој беше Ел Менчо?
Ел Менчо, 59-годишен поранешен полицаец, создаде мамутска криминална организација одговорна за шверц на огромни количини кокаин, метамфетамин и фентанил во Соединетите Држави. Владата на САД нуди награда од 15 милиони долари за информации што би довеле до негово апсење.
Министерството за одбрана на Мексико соопшти дека операцијата била „планирана и спроведена“ од специјални сили, со поддршка од Воздухопловните сили и Националната гарда. За време на операцијата беа запленети неколку оклопни возила и оружје, вклучувајќи ракетни лансери.

Хаос во Халиско и други држави
Очевидци пријавија облаци од чад што се издигаат над неколку градови, вклучувајќи ја и Гвадалахара, еден од градовите домаќини на претстојното Светско првенство. Во туристичката дестинација Пуерто Ваљарта на брегот на Халиско, се проценува дека илјадници туристи се заробени во одморалиштата поради немирите. Вчера имаше извештаи за вооружени мажи на улиците на Халиско и други држави.
Гувернерот на Халиско, Пабло Лемус Наваро, им советуваше на жителите на социјалните мрежи да ги почитуваат предупредувањата за црвениот код и да останат дома, додавајќи дека јавниот превоз во државата е суспендиран. „Јунајтед ерлајнс“, „Американ ерлајнс“ и „Ер Канада“ ги откажаа летовите до Пуерто Ваљарта и Гвадалахара, додека летот на „Делта“ од Атланта беше пренасочен.
Точните околности околу убиството на Ел Менчо, кое аналитичарите го нарекуваат најголем удар врз мексиканските картели во повеќе од една деценија, остануваат нејасни. Министерството за одбрана соопшти дека специјалните сили на Армијата и Националната гарда започнале операција во Тапалпа, град на околу 130 километри југозападно од Гвадалахара, со поддршка од воздухопловните сили и военото разузнавање, за да го уапсат бегалецот нарко-бос. Во таа прилика „воениот персонал се нашол нападнат“ и возвратил на оган.
Амбасадата на САД во Мексико објави дека операцијата ја спроведе мексиканска специјална единица „како дел од билатералната соработка, со дополнителна разузнавачка поддршка од американските власти“.
Заедничката меѓуагенциска работна група против картели, специјализирана за собирање разузнавачки информации за нарко-картелите, имаше улога во воениот напад, изјави американски функционер за Ројтерс. Таа работна група беше тивко формирана кон крајот на минатата година со цел мапирање на мрежите на членовите на картелите од двете страни на границата меѓу САД и Мексико, изјавија американски функционери.
Како што растеа немирите, гувернерот на Халиско, Пабло Лемус Наваро, ги повика осумте милиони граѓани да останат дома „додека ситуацијата не се стави под контрола“. Лемус рече дека јавниот превоз е суспендиран и дека граѓаните не треба да патуваат по државните патишта поради „насилните настани“ што се проширија во најмалку пет делови од земјата.

Реакции и политички последици
Поранешниот амбасадор на САД во Мексико, Кристофер Ландау, го опиша Ел Менчо како „еден од најкрвавите и најнемилосрдните нарко-босови“ и ја нарече неговата смрт „огромна работа за Мексико, САД, Латинска Америка и светот“. Мајк Вигил, поранешен раководител на меѓународни операции за Агенцијата за борба против дрога на САД (ДЕА), ја нарече операцијата „една од најзначајните акции преземени во историјата на борбата против трговијата со дрога“.
Убиството на Ел Менчо претставува важна победа за мексиканската претседателка во борбата против нарко-картелите. Успехот би можел да го зајакне и нејзиниот однос со американскиот претседател Доналд Трамп, кој претходно се закани со директни напади врз картелите на мексиканска почва.
Минатиот јануари, Трамп рече дека по нападот врз бродовите за шверц на дрога, „сега ќе почнеме да напаѓаме на копно“, додавајќи дека „картелите го водат Мексико“. Претседателката Шајнбаум одговори во тоа време дека распоредувањето американски трупи преку границата „не е опција“. Сепак, ако безбедносните сили не успеат брзо да ја стават ситуацијата под контрола, победата на мексиканската администрација би можела да биде засенета од насилниот одговор на картелот.

Картел Халиско – клучен играч во трговијата со дрога во Мексико
Картелот Нова генерација Халиско (CJNG) заработи озлогласена репутација за серија брутални напади врз безбедносните сили и службени лица. Меѓу другото, тие соборија воен хеликоптер со ракетен фрлач, убија десетици владини претставници и ги обесија телата на своите жртви од мостови за да ги заплашат соперниците.
Картелот, основан во Халиско во 2010 година, сега работи низ цело Мексико. Американската ДЕА го смета за главен соперник на моќниот картел Синалоа и проценува дека е присутен во сите 50 американски држави. CJNG е исто така клучен снабдувач на дрога во САД, заработувајќи милијарди од производството на фентанил.

Поголемиот дел од фентанилот влегува во САД преку Мексико
Според податоците на американската царинска и гранична заштита објавени во јуни 2025 година, 4.182 килограми фентанил се запленети во САД од октомври 2024 година. Речиси целата таа количина, дури 96 проценти, е пресретната на југозападната граница со Мексико. Помалку од еден процент е запленет на северната граница со Канада, додека остатокот пристигнал по море или бил откриен на други контролни пунктови.