„Меко предупредување“ од САД до Србија со ставањето на Александар Вулин на црната листа

Според САД, Александар Вулин е вмешан во „транснационален организиран криминал, нелегални операции со наркотици и злоупотреба на јавна функција“


 

Моќниот човек во српската влада, директорот на тајната служба, Безбедносно информативната агенција (БИА), Александар Вулин, се најде на списокот на оние кои се под американски санкции, а САД го обвинуваат за вмешаност во „организиран криминал, трговија со дрога“ и дека ја злоупотребил својата јавна функција за да му помогне на трговецот со оружје Слободан Тешиќ неговите „незаконски пратки со оружје да се движат слободно“ преку границите на Србија“, а на Русија ѝ овозможувал „платформа за понатамошно, малигно влијание во регионот“.

Санкциите против Вулин се „меко предупредување“ дека не само што не смеел да дојде на таа позиција, туку и не смеел да остане таму, изјави поранешниот директор на Воено-безбедносната агенција (ВБА) Момир Стојановиќ, за телевизијата Н1.

Стојановиќ рече дека Вулин е назначен за шеф на БИА на барање на неговиот кум Жељко Митровиќ, сопственикот на телевизијата Пинк.

Според него, претседателот на Србија, Александар Вучиќ, го исполнил тоа барање, а од друга страна, на Пинк има голем простор да „води своевидна психолошко-пропагандна војна против граѓаните на Србија“.

„САД никогаш не се однесуваат грубо во меѓународните односи. „Ова е меко предупредување дека поради илјада причини на Вулин не му било дозволено да дојде на таа позиција, а особено да остане на таа позиција“, истакна Стојановиќ.

Како што е соопштено, денеска Канцеларијата за контрола на странски средства на Министерството за финансии на САД (ОФАЦ) санкционираше „лице во Србија согласно Извршната наредба (E.O.) 14033“.

Според соопштението, Александар Вулин е вмешан во „транснационален организиран криминал, нелегални операции со наркотици и злоупотреба на јавна функција“. Вулин, како што се додава, одржувал „заемна корисна врска со српскиот дилер на оружје Слободан Тешиќ“, кого САД претходно го санкционираа, „помагајќи им на илегалните испораки на оружје на Тешиќ да се движат слободно преку границата со Србија“.

Тие наведуваат дека потезите на Вулин „ја унапредиле корупцијата во владините институции во Србија“.

Вулин, како што е наведено, ги користел позициите што ги има „за лична корист“, „вклучително и вмешаност во синџир на трговија со дрога“. „Тој ги искористи своите јавни позиции за да ја поддржи Русија, олеснувајќи ги руските малигни активности кои ја деградираат безбедноста и стабилноста на Западен Балкан и обезбедувајќи ѝ на Русија платформа за натамошно влијание во регионот. Вулин е директор на Безбедносно информативната агенција на Србија, а претходно беше министер за одбрана и министер за внатрешни работи. Овие институции не се цел на овие санкции“, се наведува во соопштението на веб-страницата на Министерството.

Како што беше наведено, санкционирањето на Вулин ја покажува решеноста на Соединетите Држави да ги повикаат на одговорност сите оние „ангажирани во коруптивни практики кои ги унапредуваат нивните сопствени политички агенди и лични интереси на штета на мирот и стабилноста на Западен Балкан“. Овие коруптивни зделки ги олеснуваат злонамерните активности на Русија во Србија и во регионот, се вели во соопштението на Министерството.

Овие санкции имаат последица, како што е наведено, на замрзнување на имотот што може да го има Вулин во САД, но тие исто така значат дека на американските државјани, како и на американските компании и институции, како и на банките кои работат во САД, им се забранува да вршат трансакции со него (освен ако е овластено со посебна ОФАЦ дозвола или не се изземени од одлуката).