Меѓународниот сојуз на Боки 13: Никој од сојузот не е повикан од органите за прогон
Меѓународен сојуз, Скопје денеска преку соопштение се изјаснија во врска со, како што велат: „неоснованите и тенденциозни шпекулации кои се пласираат во медиумите и на социјалните мрежи“.
„Во интерес на остварување на целите Меѓународен сојуз (МС) стапи во соработка и склучени се договори со две реномирани домашни друштва. На тој начин за прв пат во Македонија е создадено приватно невладино партнерство. Паричните средства пристигнати на сметките на координаторите на проектите се искористени исклучиво за остварување на целите на МС и исполнување на договорите склучени со партнерите. Потенцираме дека хонорарот пристигнат на сметката на Л.Т. еден од координаторите и идеен творец на проектот веќе беше предмет на истрага на Финансовата полиција и ОЈО по што се утврди дека трансакцијата е во рамките на позитивните законски прописи на РСМ и истрагата е сопрена.
Временското одлагање и доцнењето на остварувањето на целите на Меѓународен сојуз е исклучиво од објективни причини а никако по вина на МС и координаторите на проектите. До денот на издавање на ова соопштение ниту еден член на МС или лице поврзано на кој било начин со МС не е повикано од органите на прогонот на РСМ а заради наводно незаконито работење“, се вели во соопштението.
Меѓународниот сојуз е во сопственост на осомничениот во случајот „Рекет“, Бојан Јовановски, а потписник на соопштението е потпретседателката на здружението Јасна Ерцеговиќ.