Меѓународен ден на жената: Празник посветен на правата на жените и светскиот мир


Фото: Б. Грданоски

Меѓународниот ден на жената – 8 март се прославува секоја година во сеќавање на протестот на текстилните работнички во Њујорк со барање за поголеми права, одржан на овој датум во 1857 година. Обединетите нации почнаа да го чествуваат овој ден од 1975 година, а две години подоцна Генералното собрание на ОН ги повика земјите членки да го прогласат 8 март за официјален празник на Светската организација посветен на правата на жените и светскиот мир.

Од тогаш, Меѓународниот ден на жената се прославува на глобално ниво со фокус на движењето за правата на жените, родовата еднаквост, репродуктивните права и борбата против насилството и злоупотребата на жените.

Чествување на овој ден се врзува со иницијативата за воведување на универзалното право на глас, односно овозможувањето и жените да гласаат на избори на почетокот на минатиот век, како и со активностите на работничките движења во Северна Америка и Европа. Првата регистрирана прослава на Денот на жената е на 28 февруари 1909 година во Њујорк во организација на Социјалистичката партија на Америка, а веќе од следната година се организирани и првите демонстрации и манифестации во Европа посветени на правата на жените.

Инспирирани од овие настани, германските делегатки, предводени од Клара Цеткин, на Меѓународната женска социјалистичка конференција одржана во август 1910 година во Копенхаген, предложија чествување на Ден на жената, иако во нивната иницијатива не беше посочен конкретен датум. Предлогот беше прифатен од страна на учесничките на Конференцијата со идеја Денот на жената да се искористи за промовирање на заложбите за родова еднаквост и за доделување на правото на глас на жените.

По ова, веќе следната година на 19 март ширум Европа е организирано првото одбележување на Меѓународниот ден на жената со одржување на протести на кои е побарано воведување на право на глас на жените, овозможување тие да вршат јавни функции, како и спречување на половата дискриминација при вработувањето.

Дополнителен мотив за борбата за женски, пред се работнички, права беше пожарот во текстилната фабрика „Триангл Ширтвејст“ во Њујорк на 25 март 1911 година, во кој загинаа 146 работници, од кои повеќето жени и мигранти.

Во првите децении на 20 век не постоел усогласен датум на меѓународно ниво за одбележување на Денот на жената. Во САД во тој период „Националниот ден на жената“ се одбележувал во последната недела во февруари, додека во Русија првото чествување на „Меѓународниот ден на жената“ било организирано во 1913 година и тоа во последната сабота во февруари според Јулијанскиот календар, ден што според Грегоријанскиот календар бил 8 март.

Во Германија првото официјално одбележување на Меѓународниот ден на жената било организирано на 8 март 1914 година. Изборот на овој датум веројатно бил случаен, имајќи предвид дека таа година тој ден било недела. Примарно барање од протесните собири на овој ден било воведување на правото на глас за жените во Германија, што им е овозможено четири години подоцна со прогласувањето на „Вајмарска Република“. Истата година, Денот на жената е одбележан и со протест на плоштадот Трафалгар во Лондон. Овој протест најмногу добива на гласност поради апсењето на британската активистка за женски права Силвија Панкхарст, на која и било оневозможено да говори на собирот.

На 8 март 1917 година според Грегоријанскиот календар (23 февруари според Јулијанскиот календар) во Петроград се одржани протести на текстилните работнички под слоганот „Леб и мир“, поради незадоволството од недостигот на храна и со барање за повлекување на Русија од Првата светска војна, што беше вовед во руската Февруарска револуција, која доведе до абдикација на царот Николај и воведување на правото на глас на жените. Веќе во текот на истата година, на иницијатива на болшевиците, 8 март е прогласен за празник во Русија. Со одлука на Президиумот на Врховниот Совет на Советскиот Сојуз од 8 мај 1965 година, 8 Март е прогласен за неработен ден во земјата во спомен на, како што е наведено во образложението, „извонредните заслуги на советските жени во изградба на комунизмот и во одбраната на татковината за време на Големата патриотска војна (Втора светска војна – н.з.) и нивното херојство и несебичност, како и за големиот придонес во зајакнувањето на пријателството меѓу народите и борбата за мир“.

Првото чествување на 8 март во Кина е одржано во 1922 година во организација на Кинеската комунистичка партија, а во 1927 година во градот Гуангжу е организиран марш со учество на околу 25.000 лица, кој освен од комунистите бил поддржан и од десничарската Националистичка партија на Кина (Куоминтанг) и од Младинската женска христијанска асоцијација. По прогласувањето на Народна Република Кина, кинескиот Државен совет на 23 декември 1949 година го прогласува 8 март за официјален Празник на жената и кинеските жени добиваат право на користење на полудневен одмор на тој ден.

На иницијатива на Комунистичката партија на Шпанија и нејзината легендарна лидерка Долорес Ибарури на 8 март во 1936 година во Мадрид е одржан „женски марш“ со кој е одбележан Денот на жената.

Токму поради инсистирањето за чествувањето на Денот на жената од страна на комунистичките партии и неговата прослава во реал социјалистичките држави од Источна Европа и Азија, во првите децении по Втората светска војна овој празник е поврзуван со социјалистичките и левичарските движења. Но, во втората половина на 60-те години на минатиот век за прослава на 8 март почнуваат да се залагаат и припадничките на феминистичкото движење и женскиот активизам, кое во тој период е во подем, што доведе и до менување на перцепцијата за него и резултираше со прогласувањето на Меѓународниот ден на жената од страна на ОН.

Денес, 8 Март е официјален државен празник во Белорусија, Виетнам, Ерменија, Русија, Кина, Молдавија, Монголија, Узбекистан и Украина, додека во останатите земји тој се одбележува во светло на промоција на постигнувањата на жените, женските права и борбата за рамноправност.

Но, глобализацијата и современите пазарни текови преку блескави маркетинг кампањи и шопинг акции го искомерцијализираа Меѓународниот ден на жената и го претворија во ден за поклонување подароци. Од друга страна, се бележат и тенденции за релативизација на празникот со негово чествување како „Ден на мајката“, што дел од застапниците за борбата за женски права го сметаат за обид за дефокусирање од изворните цели на одбележување на Денот на жената. Сето ова, заедно со подемот на социјалните медиуми, доведе до промовирање на некои недоволно јасни идеи за еднаквост, наместо првичните цели за социјални реформи и рамноправност.