„Меѓаши“: Да се најде решение за овозможување право на образование на секое дете


Првата детска амбасада во светот „Меѓаши“ бара од Министерството за образование и наука да ја преиспита одлуката за одбивање на уписот на првачињата кои не доставиле документ за задолжителна вакцинација и да понуди решение што нема да го прекрши основното право на децата на образование.

Од Првата детска амбасада велат дека на вториот ден од новата учебна година 2019/2020 година сите дојави на СОС телефонот за деца и млади што ги примиле се во врска со непримањето на првачињата за кои родителите не доставиле документација за уредно примени вакцини.

– Невакцинираните деца се под стрес и државата мора да им го овозможи правото на образование. Наместо радост за првиот училишен ден, тој за многу деца се претвори во кошмар. Ранливите групи деца кои не се опфатени во системот на образование поради здравствени проблеми, сиромаштија, миграција или немање лични документи остануваат надвор од кругот и државата мора да обезбеди соодветни услови за нивно вклучување во воспитно образовниот систем, се вели во соопштението на „Меѓаши“.

Доколку проблемот со исклученоста на децата од образовниот систем не се реши, од Првата детска амбасада посочуваат дека за оваа состојба ќе ги информираат членовите на Комитетот за правата на детето при ООН и ќе побараат конкретни мерки до нашата држава која ја има потпишано и ратификувано Конвенцијата за правата на детето.