МЕФ22: Енергетска транзиција во вителот на најголемата енергетска криза, кого најмногу ќе погоди поскапата струја


Петтото издание на Македонскиот енергетски форум, панел кој треба да даде одговори на важните предизвици со кои се соочува земјата на планот на енергетиката и транзицијата кон зелена економија, годинава се одржува во екот на најголемата криза со енергенси и во време на нивно секојдневно поскаување. Од Владата стигнуваат пораки дека и покрај предизвиците, нема откажување од плановите за енергетска транзиција, додека пак, од Регулаторната комисија за енергетика дека најновото поскапување на струјата нема да ги погоди најголемиот број на домажинствата.

„Спремни сме да направиме социјално праведна енергетска транзиција што ќе ни донесе енергетска безбедност и диверзификација“, изјави вицепремиерот Фатмир Битиќи во своето обраќање при отворањето на конференцијата МЕФ – Македонски енергетски форум 2022.

Како еден од еден од главните приоритети на Владата во периодот што претстои ќе биде да се завршат сите започнати процеси што ќе значат социјално праведна енергетска транзиција која ќе донесе енергетска безбедност и диверзификација на енергетскиот систем, посочи Битиќи.

Тој истакна дека Северна Македонија има значајни постигнувања во однос на енергетската транзиција во изминатиот период, спроведувајќи неколку реформи и следејќи ја својата визија за градење доверлив, ефикасен, еколошки и конкурентен енергетски систем кој ќе помогне за одржлив економски раст.

Вицепремиерот Битиќи се осврна и на фактот што Северна Македонија беше првата договорна страна што го усвои својот Национален план за енергија и клима и го поднесе до Секретаријатот на Енергетската заедница, одразувајќи ја посветеноста на земјата кон декарбонизација и трансформација на својата економија и енергетскиот систем за навремено соочување со новите предизвици во периодот што претстои.

Вицепремиерот потенцираше дека нашето законодавството е во согласност со третиот пакет на директиви на ЕУ во однос на внатрешниот пазар, како и со директивите на ЕУ за енергетска ефикасност, а Стратегијата за развој на енергетиката до 2040 година, која веќе е изработена, се заснова на петте димензии на Енергетската унија и е прва од ваков вид меѓу договорните страни на Енергетската заедница.

Дополнително, Битиќи истакна дека нашата држава е во процес на развој и имплементација на неколку големи и стратешки важни проекти за обновлива енергија кои ќе ја обезбедат нашата енергетска безбедност и диверзификација, оддалечувајќи се од фосилните горива.

Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика Марко Бислимовски, пак, посочи дека просечната цена на струјата за 98,8 проценти од домаќинствата ќе се зголеми за 7,4 проценти, а само оние 1,2 отсто кои трошат енормно, ќе плаќаат енормно.

„РКЕ воведе концепт на блок тарифи со цел да им се помогне на најранливи категории на потрошувачи, но да им се помогне и на домаќинствата што немаат друг избор и друг начин за греење освен електрична енергија и поради тоа блоковите ги проширивме само во висока тарифа до 1050 киловатчасови. Проверете во која било земја во регионот дали има толку високи блокови. Јас ви тврдам најодговорно и цврсто стојам позади тоа дека блоковите кои се определени во Македонија се највисоки во регионот“, изјави Беслимовски, одговарајќи на новинарско прашање.

Тој тврди дека кај 59,9 проценти од потрошувачите во зимскиот период зголемувањето ќе биде 6,6 проценти, кај 20-30 проценти ќе биде од 6,6 до 8,7, кај три проценти од 8,7 до 11,2 а кај тие што трошат многу ќе биде од 11,2 до 99-100 проценти.

„Во однос на читањето на броилата граѓаните да бидат сигурни дека на никој нема да му одговара да се одолговлекува читањето на броилото. Значи, првиот блок е 210 киловатчасови за пресметковен период од 30 дена. Доколку операторот на мрежата бил неодговорен и го прочитал броилото не за 30 туку за 300 денови за тој потрошувач првиот блок ќе биде 300 дена по 7 киловатчасови на дневно ниво ќе биде 2.100 киловатчасови. На граѓаните ќе им одговара дури и да не се чита толку редовно бидејќи блокот ќе се зголемува. Затоа ви кажувам, за 300 дена ако не се прочита броилото првиот блок не е 210 киловатчасови, туку е 2.100 киловатчасови. Значи, направен е концепт којшто постојано ќе прави притисок врз ЕВН да ги отчитуваат броилата. Колку се зголемува времето на отчитување толку секој блок се зголемува за тие денови“, посочи Бислимовски.

РКЕ, според Бислимовски е назависно, и затоа очекува дека опозицијата нема постојано да врши притисок врз неа.

Тој очекува да нема криза ниту во снабдувањето со нафта и нафтени деривати.

„Во однос на нафтата ние сме стопроцентно увозна земја, 80-90 проценти ги увезуваме од Грција и според оние сознанија кои ги имаме, нема проблеми во Грција во однос на производството на сите нафтени деривати. За жал, на тие работи ние како држава не можеме да влијаеме. Сигурен сум дека ќе се направи се да нема енергетска криза во однос на снабдувањето со нафтените деривати, рече првиот човек на РКЕ.

Македонскиот енергетски форум МЕФ 2022 се одржува денеска и утре во Охрид и на него е предвидено да учествуваат повеќе од 50 домашни и интернационални панелисти, експерти, високи институционални претставници и останати клучни чинители во енергетскиот сектор во вкупно седум панели, а главниот фокус на овогодинешното издание е ублажување на тековната енергетска криза преку праведна и демократска енергетска транзиција.

Петтото издание на МЕФ е во организација на ЗИП Институтот, Владата на Република Северна Македонија под покровителство на кабинетот на вицепремиерот задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции Фатмир Битиќи, Амбасадата на САД во Скопје и Делегацијата на ЕУ во Скопје.